Агенцијата за гранична и крајбрежна стража на Европската Унија, Фронтекс, денес соопшти дека нелегалните преминувања во ЕУ се намалиле за 20 проценти во првите шест месеци од оваа година.
Според соопштението на Фронтекс, 75.900 мигранти нелегално влегле во ЕУ од јануари до крајот на јуни, објави денес „Политико“.
Фронтекс објави „остар пад“ на пристигнувањата на мигранти во ЕУ преку Западен Балкан, источната граница на ЕУ со Белорусија и од Западна Африка.
Во исто време, обидите за нелегално преминување во Велика Британија од ЕУ се зголемија за 23 проценти, со 33.200 такви преминувања во првите шест месеци од оваа година.
Во соопштението се вели дека Централномедитеранската рута останува најпрометната миграциска рута во ЕУ, сочинувајќи 39 проценти од сите нелегални пристигнувања.
Според проценките на Меѓународната организација за миграција, околу 760 мигранти ги загубиле животите во Средоземното Море во првите шест месеци од оваа година, додека околу 2.300 мигранти загинале обидувајќи се да стигнат до ЕУ преку Медитеранот минатата година.