Нема да градиме пруга додека Бугарите не си го завршат својот дел, вели Мицкоски

од Илинка Илиоска
45 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека тунелот кој треба да ја поврзе Македонија со Бугарија нема да се гради додека Бугарија не ја заврши својата половина од проектот, односно делот од тунелот и поврзувањето со националната железничка мрежа. Во интервју за „Тема на денот“ на Сител телевизија, Мицкоски истакна: „Нема да градиме се додека Бугарите не си го завршат својот тунел.“

Тој дополнително објасни дека трошењето на половина милијарда евра за овој проект би било бесцелно доколку бугарската страна не ги заврши своите обврски.

„Моментално, буџетот за реализација на тој проект е 550 милиони евра од кои 350 милиони се кредит, а 200 милиони се грант,“ рече Мицкоски, нагласувајќи дека ако се земат предвид потенцијалните пенали и дополнителните трошоци, вкупната сума би достигнала 500 милиони евра, што би ги платиле македонските граѓани.

На прашањето зошто верува дека Бугарија можеби нема да го гради тунелот, тој го спомена граничниот премин „Клепало“ како сличен пример.

„Кај нас е готов, а во Бугарија нема истурено ниту кубик песок“, рече Мицкоски додавајќи дека ваквите искуства покажуваат дека Македонија ги исполнува своите обврски, додека од другата страна реализацијата е многу бавна.

Тој заврши со напомена дека трошењето на средствата за проект кој можеби нема да биде комплетиран би било непотребно трошење на „народните пари“ и дека државата ќе се посвети на овој проект само доколку и Бугарија ја заврши својата страна од обврските.

Слични содржини