Нема надеж да се најдат преживеани од авионската несреќа со 72 патници во Непал, изјави висок локален функционер.
„Досега најдовме 68 тела. Бараме уште четири тела … Се молиме за чудо, но има „нула надеж“ дека ќе најдеме некој жив“, изјави Тек Бахадур КЦ, водач на округот Такси каде вчера се урна авионот.
Спасувачките екипи утрово ја продолжија потрагата по жртвите во авионската несреќа која беше прекината во текот на ноќта.
Авион ATR72 на Jeti Airlines се урна во провалија при слетување на линијата од Катманду до Покара.
Остатоците од авионот и расфрланите парчиња багаж се во длабоката провалија каде паднал авионот при слетувањето на новоотворениот меѓународен аеродром во градот Покара. Тој аеродром беше отворен на 1 јануари.
Потрагата, во која учествуваше војската и многу локални жители, беше отежната поради пожарот и густиот чад.
Во авионот имало 68 патници и четворица членови на екипажот, изјави претходно за Франс пресс портпаролот на авиокомпанијата. Меѓу патниците имало и 15 странски државјани – пет Индијци, четворица Руси, двајца Јужнокорејци и по еден државјанин на Ирска, Австралија, Аргентина и Франција.