Германската полиција во градот Карлсруе на југозападот на земјата денеска соопшти дека во тек е акција поради држење на неколку лица како заложници во аптека и дека, според досегашните податоци, нема повредени.
Портпаролот на полицијата од тактички причини одби да открие колку заложници се земени и колку полицајци се на терен.
„Штутгартер цајтунг“ објави дека две лица се земени како заложници и дека бараниот откуп е во износ од едноцифрена милионска сума во евра.
Портпаролот на полицијата одби да го коментира тој извештај.
Полицијата на Твитер соопшти дека ги зголемила силите и им препорача на луѓето да ја избегнуваат областа во близина на улицата „Етлингер“, каде што се наоѓа аптеката, како и дека нема опасност за пошироката јавност.
Исто така, пријавено е и дека полицијата воспоставила контакт со лице осомничено за држење заложници, јави Дојче веле.