Најновите очекувања за економскиот раст се непроменети во однос на априлските проекции, при што за следната година и натаму се очекува целосно враќање и надминување на преткризното ниво, се вели во Кварталниот извештај на Народната банка, објавен денеска.
Во согласност со вградените претпоставки за надворешното окружување и домашните фактори, во оваа и следната година, економската активност ќе расте со идентична стапка на раст од 3,9% и постепено ќе достигне стапка од 4%, на среден рок.
Во целиот период на проекциите, се очекува дека растот и натаму ќе произлегува од домашната побарувачка, додека нето-извозот ќе има негативен придонес кон растот во периодот на проекции.
Закрепнувањето на странската побарувачка би делувало стимулативно на извозната активност, но со оглед на високата увозна компонента на извозот, но и побрзото закрепнување на домашната побарувачка, се очекуваат и поголеми увозни притисоци, се додава во извештајот.