Руските власти денеска се откажаа од воведувањето рестрикции за невакцинираните граѓани, кои беа најавени минатиот месец, и наидоа на остри критики во јавноста.
Претседателот на Долниот дом на рускиот парламент, Вјачеслав Володин денеска изјави дека ќе се повлече законот со кој на невакцинираните лица ќе им се забрани да патуваат со авион или воз.
„Мораме да балансираме кога носиме такви одлуки бидејќи треба да го почитуваме мислењето на народот“, рече Володин.
Неколку бранови на епидемијата силно ја погодија Русија бидејќи процентот на вакцинирани е сè уште низок, а луѓето малку ги почитуваат препораките и ограничувањата. Помалку од 50 отсто од 146-те милиони граѓани на Русија се вакцинирани, иако земјата беше меѓу првите што разви и одобри вакцина против коронавирус.
Рестриктивните мерки требаше да стапат во сила во февруари следната година, но луѓето веднаш изразија незадоволство од одлуката на протестите и потпишаа петиции против новите мерки.
Од почетокот на пандемијата во Русија, повеќе од 10 милиони луѓе се заразени, а околу 289.000 од нив починале.