Немаме доволен број на инспектори, вели директорката на Државниот инспекторат за животна средина

од Vladimir Zorba
300 прегледи

„Немаме доволен број на инспектори, меѓутоа сега правиме координација со овластени инспектори и во оној момент кога не може итно наш инспектор да отиде на терен тогаш ќе се обратиме до општината за да може да се документира самото загадување“, информира денеска в.д. директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска, додавајќи дека во моментов имаат 15 инспектори на терен, а им се неопходни уште минимум 11.

Во моментов, како што посочи, ја ажурираат листата на овластени инспектори на локално ниво и таа листа укажува на потребата општините кои во моментот немаат овластен инспектор, веднаш да ангажираат.

Главно пријавите во нивна надлежност, рече Петровска, треба да се фокусираат на големите загадувачи, на инсталациите кои имаат А интегирана дозвола или елаборати за заштита на животна средина кои се одобрени од министерот.

Инспекторатот, како што поосочи, има и многу други надлежности, како на пример можност да постапува заедо со техничката инспекција во однос за дозволите за експлоатација на минерални суровени, потоа постапуваат по Законот за генетски модифицирани организми, постапуваат по Законот за заштита на природа каде што заедно со шумска полиција или Инспекторатот за ловство, шумарство или земјоделство, исто така можат да имаат координирани активности. Координирани активности, додаде, можат да имаат и со Агенцијата за храна и ветеринарство.

– Очекувам дека пријавите ќе бидат доволно широки за и ние да имаме подобар увид за тоа што се случува на терен, а одлуката за тоа кога и како ќе постапиме ќе ја носиме сами и во соработка со други надлежни инспекторати, каде што можеби преклопуваме надлежности или каде што некој друг има надлежност. Тоа значи дека нема да одбиме ниту една пријава, тука ќе ја проследиме до надлежен орган и потоа ќе известиме дека таа пријава е пренесена на некое друго ниво, соопшти Петровска.

Во однос на случајот со фирмата од округот на Металски завод Тито, која на непрописен начин го третираше медицинскиот отпад, Петровска информира дека компанијата се уште не работи во Ќерамидница, туку работи на својата стара локација, и оти од МЖСПП дознале дека за да може да почнат со работа треба да добијат Б интегрирана дозвола од Град Скопје.

– Сметам дека при процесот на добивање на Б интегрирана дозвола што ќе се случува во градот Скопје ќе треба да се води сметка за сите оние неправилности на кои ние укажавме во дописот до МЖСПП, нагласи Петровска.

Слични содржини