Немец: Визна либерализација за Србите од Косово можна на крајот на април

Тој повтори дека е дискриминација што српските државјани од Косово се единствените во Западен Балкан што не можат да патуваат.

од Бети Божиноска
229 прегледи

Европратеникот и новоименуван известувач зљ укинување на визите за Србите што живеат во Косово, Матијаж Немец, оцени денеска дека е можно брзо решавање на прашањето за визната либерализација за сопствениците на српски пасоши од Косово издадена од Координативната управа на Србија и посочи дека Европскиот парламент треба да донесе одлука за ова прашање до крајот на април, пренесува „Танјуг“.

Немец, кој неодамна подготви извештај за визна либерализација за сопствениците на српски пасоши кои живеат во Косово, изјави дека главните точки на тој извештај се Србите на Косово да добијат визна либерализација и можност за патување во ЕУ, а оцени дека нема големи пречки за решавање на ова прашање.

„Мислам дека нема големи пречки околу тоа. Сите мислат дека е неопходно да се најде начин до вакво решение. Србите кои живеат на Косово се дискриминирани во таа смисла. Сметаме дека е можно да се дојде до решение што е можно побрзо и дека ќе постигнеме решение“, вели Немец.

На прашањето што очекува од другите европски институции, тој одговори дека тие веќе донеле одлука и дека Европската комисија испратила препорака до ЕП.

„Ако го потврдиме тоа  на крајот на април, тогаш Србите кои живеат во Косово ќе можат да патуваат во Европската унија“, рече Немец.

Тој повтори дека е дискриминација што српските државјани на Косово, кои се сопственици на овие пасоши, се единствените во Западен Балкан што не можат да патуваат.

„Сакаме решение за овој проблем. Наше е да одлучиме до крајот на април“, рече Немец и истакна дека е важно да се избере решение за граѓаните на Западен Балкан.

Комисијата за правда и за внатрешни работи на ЕП неодамна го назначи Немец за известувач задолжен за прашањето за укинување на визите за пасошите издадени од Координативната управа на Србија за Србите во Косово, а Немец потоа подготви извештај за визна либерализација за имателите на српски пасоши од Косово.

Во нацрт-извештајот за предлог-уредбата на ЕП и на Советот на ЕУ за измени и дополнувања на регулативата за иматели на српски пасоши издадени од Координативната управа на Србија, Немец побара брзо усвојување на овој документ во сегашниот состаав на ЕП без амандмани.

Слични содржини