Профитните маржи во кинеската автомобилска индустрија дополнително се намалуваат во текот на 2024 година, бидејќи жестоката конкуренција ги принудува производителите да даваат попусти, додека некои од нив доживеаја дури и целосен колапс.
Според податоците објавени на 27 декември од кинеската асоцијација на производители на патнички автомобили, просечната профитна маржа во автомобилската индустрија на најголемиот светски пазар изнесувала 4,4% во периодот од јануари до ноември. Просечната маржа лани беше 5%, што значи дека годинава има пад.
Овој резултат не е охрабрувачки за раководителите и акционерите на кинеските автомобилски компании, имајќи предвид дека просечната профитна маржа на кинеската индустрија е 6,1%. Автомобилскиот сектор на тој начин дополнително го намалува индустрискиот просек.
Експертите посочуваат дека автомобилската индустрија мора да ги намали трошоците, да ја зголеми ефикасноста и да ја зајакне контролата на трошоците за да опстане на пазарот. На огромниот кинески пазар, BYD ја консолидираше својата доминантна позиција, додека многу производители, како Jiyue и HiPhi, мораа да ги затворат своите операции.
Во ноември, профитната маржа во автомобилската индустрија дополнително падна, на само 3,3%. За споредба, додека за германскиот гигант VW често се зборува во криза (што не е далеку од вистината), неговата нето маржа е 4,6% – повисока од сегашниот просек на кинеската автомобилска индустрија.