По изедначувањето на курсот на еврото и доларот,граѓаните кои имаат кредити во комерцијалните банки се соочија и со нов раст на референтната каматна стапка што според економистите дополнително ќе влијае врз нивниот трошок.
Со оглед на покачената основна каматна стапка од страна на НБРМ сосема е извесно дека наскоро ќе се зголемат и каматните стапки на комерцијалните банки за одобрените кредити, вели во интервју за „Локално“, професорот Томе Неновски, поранешен заменик гувернер на НБРМ.
Од друга страна, според него, промената на соодносот меѓу еврото и доларот нема да има големо директно влијание врз македонската економија поради малата надворешна трговска размена со САД.
„Негативните последици за економијата ќе произлезат од зголемените трошоци кои што Македонија ќе ги плаќа за увоз на нафта и нафтени деривати со оглед на тоа што тие стоки на светските берзи се плаќаат со долари. За претпријатијата што имаат обврски спрема странство, за кои склучиле договори за плаќање во долари, новата вредност на доларот ќе значи и соодветна загуба на средства“, вели Неновски.
Она што според него останува сигурно е тоа што сегашната вредност на доларот ќе биде благопријатна за граѓаните кои имаат заштеди во долари бидејќи за иста количина на долари ќе добиваат повеќе евра.
За прв пат по 20 години, на валутниот пазар се случи изедначување на вредноста на доларот со еврото. Дали и колку промените на соодносот на американската и европската валута, ќе влијаат на Македонија?
-Тој сооднос нема да има некое позначајно влијание врз македонската економија со оглед на малата надворешно-трговска размена на Македонија со САД.Негативни последици за македонската економија ќе произлезат од зголемените трошоци кои што Македонија ќе ги плаќа за увоз на нафта и нафтени деривати, со оглед на тоа што тие стоки на светските берзи се плаќаат со долари.
Дали и колку светските берзански случувања можат да ја погодат домашната економија, а колку граѓаните?
-Мал е бројот на македонски претпријатија што тргуваат со САД, а со тоа и мал ќе биде негативниот ефект од растечката вредност на доларот за целината на македонските претпријатија. За тие што имаат обврски спрема странство за кои склучиле договори за плаќање во долари, новата вредност на доларот ќе значи и соодветна загуба на средства.
Сегашната вредност на доларот ќе биде благопријатна за граѓаните од Македонија кои имаат заштеди во долари затоа што за иста количина на долари ќе добиваат поголема количина на евра кои, најчесто се користат за плаќање во странските, а пред се во европските земји. Зголемениот курс на доларот може негативно да се одрази на граѓаните кои немаат долари, а имаат потреба да купат долари со цел патување во САД или плаќање на некои обврски во странство во САД долари.
На девизните случувања веднаш реагираат граѓаните, па така и ова изедначување на еврото и доларот ја отвори дилемата дали треба да се менува валутата на заштедите и дали треба да се купуваат евра ?
-Вредноста на еврото во однос на доларот, фунтата, франакот и јенот е во опаѓачка траекторија. Тоа може да предизвика одлука на граѓаните да ги претвораат заштедите во евра и на тој начин да ја зголемат својата заштеда во евра само врз основа на курсни разлики. Се разбира дека во поповолна состојба се тие што имаат долари, а не тие што должат во долари.Што се однесува до купувањето на евра, граѓаните тоа можат да го прават неограничено и без загуба како и досега, со оглед на, речиси, фиксниот курс на денарот спрема еврото.
Дали очекувате да продолжи трендот на зајакнување на доларот наспроти опаѓачкиот тренд на вредноста на еврото?
-Судбината на вредноста на доларот и еврото во голема мера е условена од геополитичките случувања предизвикани од конфликтот во Украина, но и од ефектите на мерките (зголемување на каматните стапки) коишто ги преземаат централните банки на САД, В. Британија, Швајцарија и Јапонија за смирување на растечката стапка на инфлација. Кога таа ќе се смири или ќе почне да се намалува, ќе почне да се намалува и вредноста на валутите на тие земји.
Дополнително на ова, централната банка повторно ја зголеми каматната стапка. Дали тоа значи дека треба да стравуваат граѓаните што имаат кредити? Ќе поскапе ли нивната месечна рата за отплата на кредитите?
-Со оглед на растечката референтна каматна стапка на НБРМ, сосема е извесно дека наскоро ќе се зголемат и каматните стапки на банките за одобрените кредити.