Конечно доаѓа викенд, неколку слободни денови или планиран одмор – и наместо одмор, следуваат замор, исцрпеност или болест. Наместо одмор – боледување. Според неодамнешна студија, дури еден од пет вработени го доживува овој феномен, пишува Дојче Веле.
Во истражувањето „Болест во слободно време: Исцрпени наместо одморени“, спроведено од Меѓународниот институт за високо образование (IU), 19,3% од испитаниците изјавиле дека често или секогаш се чувствуваат болни токму за време на одмор или слободни денови, како викендите. Феноменот е добро познат: 71,9% од анкетираните потврдиле дека веќе слушнале за него – или го доживеале лично.
Замор, главоболки, треска…
„Болест во слободно време“ го опишува моментот кога симптоми на болест се појавуваат непосредно пред викенд или за време на годишен одмор. Во Германија, феноменот често се нарекува Ferienkrankheit („болест за време на одмор“), но, како што вели авторката на студијата, Стефани Андре, тој не е вклучен во официјалната класификација на болести. Сепак, симптомите се реални: замор, главоболки, кивање и напади на треска се најчести, вели Андре.
Недоволниот одмор во приватниот живот најмногу ја погодува помладата генерација. Дури 40,1% од сите испитаници изјавиле дека нивниот приватен живот не им овозможува доволен одмор за успешно справување со работните обврски. Овој процент се зголемува на 50,5% кај младите до 25 години.
„Се покажа дека помладите генерации сосема поинаку го доживуваат овој проблем во споредба со постарите“, вели Андре, професорка по здравствен менаџмент на Универзитетот IU во Ерфурт.
Како главни причини, таа ги наведува пасивните навики за релаксација – постојано „скролање“ на социјалните мрежи и гледање серии и филмови. Според неа, оние што го користат слободното време на „поактивен и посмислен“ начин – значително поретко се разболуваат кога не работат.
Прекувремена работа и постојана достапност
Дополнително, особено помладите често чувствуваат обврска да бидат достапни и по работното време. Кај испитаниците под 25 години, 42,6% одговориле дека се чувствуваат така, додека тој процент кај вкупната популација е 33,5%.
Истовремено, 80,6% од испитаниците потврдиле дека редовно работат прекувремено.
„Резултатите покажуваат дека постојаната достапност, високото работно оптоварување и недостигот од вистински одмор се клучни ризик-фактори за појава на симптоми токму за време на слободните денови,“ заклучува Андре.
Истражувањето било спроведено од IU Универзитетот во периодот од 24 јануари до 6 февруари 2025 година. Анкетата опфатила 2.400 вработени во Германија, на возраст од 16 до 65 години, репрезентативно распоредени според возраст и пол.