„Не може да ја развиваме државата врз основа на лажни податоци за развој државата, на Владата ѝ се потребни вистинити бројки“ – вака премиерот Христијан Мицкоски го реафирмира ставот за вонреден електронски попис на населението догодина, со вклучување на дијаспората како една изборна единица, откако Уставниот суд ја прогласи за незаконска категоризацијата на резидентно и нерезидентно население, направена во рамки на последниот попис во 2021-ва година. Премиерот очекува како политичка, така и кривична одговорност, за, како што вели, незаконски и неуставно спроведениот попис. Смета дека електронски попис може да се направи врз основа на вкрстување на десетина референтни бази на податоци и според насоките на Еуростат. Според министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, Македонија има капацитет да спроведе дигитален попис во 2026 година.
Дел од јавноста поделена дали ни е потребен нов електронски попис, ако споредиме дека последниот беше пред 4 години. И аналитичарите со различни ставови – од една страна сметаат дека дефинитивно треба, но и се оценува дека е невообичаено и отвора сомнежи за неговата цел. Според Александар Ристевски, пописот од 2021 по многу нешта беше скандалозен, па оттаму е потребата за спроведување нов во наредниот период.
-Прво што добар дел во него (последниот попис) народот стои како фиктивен. Второ, еве ќе го земам мојот пример, во графата образование јас сум заведен како социолог, затоа што мојот образовен профил го немало како опција, однапред ставена, вели Ристевски за „Локално“.

Александар Ристевски
Според него, дефинитивно овој пат ќе биде статистичка операција, затоа што таква досега и не сме имале.
-1991,1994, 2002, прекинатиот 2011, 2021, сето тоа беа политички пописи, саботирани и користени за поларизирање на етнички теми. Повеќе за тоа простор нема. Сите права и обврски се решени и регулирани на ниво на устав и закони, ни треба статистички попис со вкрстени информации, кои се секојдневие, а не нечиј хир, истакнува аналитичарот.
Ристевски потенцира дека попис не се прави за Албанци, Бугари или било, запрашан околу тезата дали само Албанците се засегнати или можеби ова е уште една можност да се пребројат и Бугарите во Уставот. Кој како сака може да се чувствува, и се знае кој и каде се има изјаснето, посочува соговорнкот.
-Во системот на државата, при вкрстување на податоците, еве јас лично барем два три пати годишно се имам изјаснето како Македонец, дали во банка, дали здравствен дом, на факултет. Пописот може да им штети само на тие кои имаат личен интерес од сплетки или работат за туѓи каузи и интереси. Немање добар попис штети на државата, објаснува Ристевски.
Според опозицијата, предизвик на електронскиот попис е дека нема да има вистинска мапа на населението, односно нема да бидат луѓето регистрирани вистински каде што живеат туку само по личната карта и во многу случаи на друго место. За аналитичарот, тоа потврдува нешто друго, системската слабост, која потврдува дека станбените единици немаат јасна евиденција кој и каде престојува, но и дека за нивно изнајмување не се плаќа данок.
-Имено, јас лично сум престојувал во земја членка на ЕУ 4 месеци, во рок од две недели од пристигањето јас бев евидентиран во полиција, и ми беше издадена времена лична карта со адреса за престој. Ние имаме луѓе кои 20 години живеат и работат во Скопје, а се водат како жители на Гостивар, на Берово, на Струмица. И тоа е лично право. Каде престојуваат при вкрстено обработување на податоците се гледа и преку сметки за струја, вода, кабелска. Проблем може да има околу оние кои престојуваат под кирија, но и тоа се решава со една законска одредба. Најбитно, пописот во основа е операција која се однесува на општеството, економијата и развојот,а не битка за етничка превласт или доминација. Пописот дефинитивно мора да се води електронски со вкрстување на информации, а потоа може дополнително да се излезе на терен, за верификација, пред се на фактички состојби, како што се објекти и градби. Пописот не е трка, статистичка операција е. И не се случува само дента, туку цел ваш живот во континуитет. Не може сегде (на факултет, на работа, при конкурси и слично) да сте, едно, а дента на пописот, друго! Со самото тоа правите пописот да биде политичка, а не статистичка операција, вели Ристевски.
Од друга страна, се поставува тезата дека секоја држава, па и Македонија има реална потреба од ажурирани податоци, но секој попис, особено во нашиот контекст на мултиетничко пребројување, е и политичко прашање. За аналитичарот Бесим Небиу, новата најава за електронски попис од владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ доаѓа само неколку години по претходниот, што по дефиниција го прави невообичаен и отвора сомнежи за неговата цел.
-Одлуката на Уставниот суд да ја исклучи категоријата „нерезидентни“ го бетонира резултатот од последниот попис – 29.5% Албанци. Оваа бројка не ѝ одговара на десната националистичка реторика во македонскиот кампус , затоа индиректно без да се каже тоа со директни пораки, но со индиректни реторички интонации, настојува да ја прикаже како „вештачки надуена“ бројка на Албанци. Најавата за нов електронски попис, во таа смисла, изгледа како обид за „исправка“ на таа слика – што би било не толку статистичка, колку политичка операција, вели Небиу за „Локално“.

Бесим Небиу
Според аналитичарот, иако на површина изгледа како внатрешна статистичка реформа, оваа иницијатива најмногу има врска со бројот на Албанците, можеби донекаде и индиректно Бугарите – чиј влез во Уставот сè уште е дел од спорната евроинтеграциска агенда.
-ВМРО-ДПМНЕ преку ова се обидува да придобие и да ја одржи поддршката од националистичкиот дел од електоратот, нудејќи пребројување како симболичен чин на „враќање на контролата“, нагласува Небиу и додава:
-Регистрацијата по адреса на лична карта – а не според реалната местоживеалишна состојба – не е единствениот проблем. Поврзаноста на базите на податоци, заштитата на лични информации, како и довербата во институциите, се подеднакво критични. Без политички консензус и меѓуетничка доверба, секој попис – електронски или не – ќе остане предмет на оспорување и понатаму, и нема да го реши почетниот проблем – на доверливост и сигурност на статистичките податоци. Се чини главно прашање е колку проценти има од која нација, мнпогу повеќе од тоа кои се денмографските и социо-економските карактеристики на населението во државатa, рече соговорникот.
Движењето ЗНАМ ја поддржува идејата на премиерот да се спроведе електронски попис за да се приберат соодветни евиденции за населението и другите индикатори кои се важни за економскиот, социјалниот развој и инфраструктурата. Според нив, со одлуката на Уставниот суд нема да се промени методологијата за вработувањата на етничките заедници според резултатите од последниот попис, а нема да влијае ниту на бројот на советници по општините.
Од ВЛЕН ги обвинија ДУИ и СДСМ дека со нивен потпис, Државниот завод за статистика бил трансформиран во инструмент за манипулација, делејќи ги Албанците на „резиденти“ и „нерезиденти“ за од пресметката да биде исклучена дијаспората. „Пописот беше незаконски, ДУИ во соработка со СДСМ одлучиле методологијата за попис на населението да биде спротивна на Уставот и лажно тврдеа дека тоа го барале од Евростат“, став на министерот за политики за добро владеење, Арбен Фетаи. Тој побара и кривична одговорност од тогашниот директор на Заводот за статистика, за кого Уставниот суд веќе констатираше дека ги пречекорил своите овластувања.
За најавите за нов попис остро реагираа од ДУИ – за нив, ова е координирана кампања за дискредитација на последниот попис кој бил по сите стандарди. „Оваа кампања не е случајна. Таа е дел од поширок обид за ревизија на сите постигнувања од последната деценија, за организирање нов попис, според нови политички агенди, со цел враќање на системската нееднаквост.“, соопштија од ДУИ.
Уставниот суд, на последната седница, укина дел од методологијата користена во пописот во 2021-ва година. Од таму оценија дека тогашниот директор на Државниот завод за статистика ги пречекорил своите надлежности и со подзаконски акт извршил категоризација на резидентно и не резидентно население, за што немал законски овластувања.
Н.П.