Кремљ се огласи денеска откако парламентот на Ерменија гласаше за ратификување на основачкиот статут на Меѓународниот кривичен суд, што значи дека земјата ќе мора да го уапси рускиот претседател Владимир Путин доколку ја посети. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече дека тоа е „непартнерски“ потег.
Песков рече дека Москва го смета Ереван за сојузник, но го доведува во прашање сегашното раководство, наведе „Ројтерс“.
Одлуката на Ерменија дополнително ги заострува односите со Москва, традиционалниот сојузник на земјата. Врските веќе се сериозно оштетени со инвазијата на Кремљ на Украина и враќањето на Нагорно Карабах од страна на Азербејџан.
Кремљ минатата недела ја предупреди Ерменија дека нејзината одлука да се приклучи на МКС, кој издаде налог за апсење на Путин поради киднапирање на украински деца, ќе биде „крајно непријателска“.