Отпад покрај контејнери, полупразни контејнери е секојдневна слика на Скопските улици, а уништувањето на животната средина продолжува поради неправилно одлагање на отпадот од несовесните граѓани.
Иако, ЈП Комунална хигиена – Скопје има поставено вкупно 455 контејнери за примарна селекција на отпадот на територијата на градот Скопје, од коишто 298 се наменети за селекција на стакло, 131 за селекција на пет – амбалажа и 26 за селекција на хартија, неправилно одлагање на отпад продолжува. Како што посочуваат од ЈП Комунална хигиена – Скопје за „Локално“, неправилно одложен отпад од ден во ден се зголемува.
– На подрачјето на градот Скопје, во текот на 2021 година, екипите на ЈП Комунална хигиена – Скопје отстранија приближно 11 000 м3 отпад од диви депонии, создадени како резултат на несовесно одлагање на отпадот од страна на поединци и правни субјекти. За споредба, во текот на 2017 година беа отстранети 835 м3 отпад од диви депонии, односно количеството неправилно одложен отпад што е расчистен од страна на екипите на ЈП Комунална хигиена – Скопје, е зголемено повеќе од десет пати во рамките од четири години.
Воедно, речиси две години Претпријатието ЈП Комунална хигиена – Скопје го имплементира Пилот – проектот за примарна селекција на отпадот во којшто се опфатени 500 домаќинства во населбата Влае, а информираат дека угостителските објекти треба да потпишат посебни договори со Претпријатието и да имаат сопствени садови за одлагање на биоразградлив отпад.
– Садовите за одлагање на отпадот поставени на јавни површини, без разлика дали станува збор за подземни или надземни контејнери, се наменети исклучиво за одлагање мешан комунален отпад од домаќинствата. Тие не се наменети за одлагање биоразградлив отпад од угостителските објекти, коишто би требало да потпишат посебни договори со Претпријатието и да имаат сопствени садови за одлагање овој тип на отпад, соопштуваат од ЈП Комунална хигиена – Скопје.
На дежурниот телефон на ЈП Комунална хигиена – Скопје има чести дојави од страна на граѓаните за неправилно одложен отпад на јавни површини, а од Град Скопје за „Локално“, велат дека и на мејлот [email protected] секојдневно пристигнуваат дојави за фрлање отпад на многу локации во градот, на јавни и зелени површини.
– Се изрекуваат казни за сите сторители кои ќе се затекнат при непрописно фрлање отпад, се прават зачестени контроли на овие локации, а за расчистување на отпадот се повикува ЈП Комунална хигиена – Скопје, соопштува Град Скопје.
Од Град Скопје велат дека, ѓраѓанската свест е на незадоволително ниво во однос на неправилно одлагање на отпад.
– Сметаме дека треба да се направи анализа од надлежното Министерство за животна средина или од некоја невладина организација која ќе спроведе истражување и ќе собере релевантни податоци кои точно би го отсликале нивото на свест на граѓаните во поглед на екологијата и заштиттата на животната средина. Од она со што ние секојдневно се соочуваме како инспекција,сметаме дека свеста е на ниско, незадоволително ниво во овој момент, потенцираат од Град Скопје.
Инспекциски надзор над постапувањето со отпад од прехрамбени производи за кафани, ресторани, бифеа, сендвичари вршат надлежните овластени инспектори за животна средина во општината, кои ја имаат надлежноста за постапување кај овие субјекти врз основа на Уредбата за дејности и активности за кои задолжително се изработува елаборат, а за чие одобрување е надлежен градоначалникот на општината каде се наоѓаат овие правни субјекти.
– Рестораните како правни субјекти мора да склучат договор со давател на услуга за постапување со соодветен тип на отпад и да имаат посебни садови каде ќе го одлагаат отпадот. Единствен постапувач на територија на Град Скопје со отпад од прехрамбени производи е ЈП Депонија Дрисла – Скопје, додаваат од Град Скопје.
Во текот на изминатиов викенд, екипите на ЈП Комунална хигиена – Скопје реализираа активности за генерално чистење на авто – полигонот под скопското Кале и кејот на реката Вардар. Во рамките на акцијата беа отстранети приближно 15 кубни метри неправилно одложен мешан комунален, кабаст и градежен отпад.
М.А.