Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги оправдува нападите врз мировниците на ОН во јужен Либан, тврдејќи дека нивното одбивање да се евакуираат ги прави „заложници“ на Хезболах.
Во неделата Нетанјаху ги повика Обединетите нации да ги отстранат своите мировни сили од „опасната зона“ на Либан. Во директен апел до генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, премиерот на Израел рече дека „фактот што одбиваат да ги евакуираат војниците на УНИФИЛ ги прави заложници на Хезболах“.
„Време е да се отстрани УНИФИЛ од упориштата на Хезболах и од областа на борбените операции“, рече Нетанјаху, според Скај њуз, цитирајќи дека израелската армија постојано поднесувала барање, но тоа било одбиено.
Според него, тоа ги загрозува и нив и животот на израелските војници.
Нетанјаху рече дека Израел жали за ранувањето на мировниците и прави „се“ за да го спречи тоа.
Но, како што додаде, „едноставен и очигледен начин да се обезбеди ова е да се извлечат од опасната зона“.
„Господине генерален секретар, извадете ги силите на УНИФИЛ од опасност. Тоа треба да се направи веднаш“, рече Нетанјаху.
Петмина мировници се ранети за време на израелските судири со Хезболах од четвртокот, а уште најмалку четворица се повредени во израелските напади.
УНИФИЛ моментално има повеќе од 10.000 војници од 50 земји и околу 800 цивилен персонал. Нејзиниот мандат секоја година го обновува 15-члениот Совет за безбедност на ОН.
Мировниците имаат задача да го зачуваат мирот и да ги намалат тензиите по „сината линија“ што го дели Либан од Израел и Голанската висорамнина окупирана од Израел.