Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека војската е подготвена да ги продолжи борбите во секое време во Појасот Газа, каде што е во сила кревкиот прекин на огнот нешто повеќе од еден месец.
„Подготвени сме да продолжиме со интензивните борби во секое време, нашите оперативни планови се подготвени“, кажа Нетанјаху во обраќањето пред новата класа офицери во централен Израел.
Нетанјаху рече дека Израел „го елиминирал најголемиот дел од организираните сили на Хамас“ во Газа.
„Целите на војната целосно ќе ги постигнеме, без разлика дали преку преговори или други средства“, истакна израелскиот премиер.
Прекинот на огнот стапи на сила на 19 јануари по повеќе од 15 месеци војна предизвикана од нападот на палестинското исламистичко движење Хамас на 7 октомври 2023 година на израелска територија и кој го опустоши Појасот Газа.
Првата фаза од договорот за прекин на огнот, кој предвидува три фази кои водат до конечен крај на војната, треба да заврши на 1-ви март.