Нетанјаху: Израел се брани на седум фронта – Иран, Хезболах, Хамас, шиити, терористи…

од Nikola Popovski
70 прегледи

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека една година по терористичкиот напад на Хамас, Израел се бори на седум фронта.

– Денеска Израел се брани од непријателите на цивилизацијата на седум фронта, рекол Нетанјаху во видео обраќање, пренесува Си-Ен-Ен.

Тој појаснил дека тие седум фронтови се на северот: Хезболах кој ја има поддршката од Иран, Хамас во Газа, Хутите во Јемен, терористите од Западниот Брег и шиитските милиции во Ирак и Сирија.

– И се бориме против Иран, кој минатата недела истрела преку 200 балистички ракети директно кон Израел и кој стои зад седум фронтови против Израел, додал Нетанјаху.

Тој истакнал дека го одржува своето ветување за промена на рамнотежата на силите на северот, меѓу Израел и Либан.

Израел изврши речиси 9.000 напади врз Либан од 8 октомври, додека Хезболах извршил 1.500 во истиот период.

Кога станува збор за Газа, Нетанјаху вели дека Израел има право да се брани и дека преостанатите заложници кои ги држи Хамас, 101 од нив, не се заборавени. Посочи дека се залагаат со сите сили да ги вратат дома.

Премиерот на Израел тврди дека францускиот претседател Емануел Макрон и другите земји треба да се срамат од нивните повици да се запре испораката на оружје за Израел.

– Бидете уверени, Израел ќе се бори додека не ја добиеме битката, заради нашата безбедност и заради мирот и безбедноста во светот, рече Нетанјаху.

Според податоците на палестинското Министерство за здравство, од 7 октомври минатата година во Газа починале 41.825 лица.

Во израелските напади врз Либан минатиот месец, според податоците на либанското Министерство за здравство, загинаа повеќе од 1.400 луѓе, а речиси 7.500 беа повредени.

Слични содржини