Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата изјави дека се надева дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе ги олесни царините за Израел по средбата на двајцата во Вашингтон.
Според сеопфатната нова тарифна политика што ја најави Трамп, израелските стоки се соочуваат со американски царини од 17 проценти. САД се најблискиот сојузник на Израел и најголем трговски партнер.
Нетанјаху, кој ги помина последните неколку дена во посета на Унгарија, во недела заминува за Вашингтон во посета на Трамп, што се очекува во понеделник, објавија официјални лица.
Тој во изјавата наведе дека во разговорите ќе бидат опфатени и израелските заложници кои по 18 месеци се уште се во заточениптво во Газа.
„Се надевам дека ќе можам да помогнам за ова прашање. Тоа е намерата. Јас сум првиот меѓународен лидер, првиот странски лидер, кој се сретна со претседателот Трамп за прашање кое е толку важно за израелската економија“, рече Нетанјаху.
„Списокот на лидери кои сакаат да го направат тоа е долг. Мислам дека тоа одразува посебна лична врска, како и посебна врска меѓу САД и Израел, што е толку витално во овој момент“, рече Нетанјаху.
Официјален претставник на израелското Министерство за финансии изјави во четвртокот дека најновата објава за тарифи на Трамп може да влијае на израелскиот извоз на машини и медицинска опрема.
Израел веќе ги укина преостанатите царини за американскиот увоз минатиот вторник. Двете земји потпишаа договор за слободна трговија пред 40 години и околу 98 отсто од стоките од САД сега се ослободени од данок.