Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се надева дека за неколку дена ќе биде постигнат договор за ослободувањето на поголемиот дел израелски заложници што се уште држани од исламистичкото движење Хамас. Се смета дека кај Хамас се вкупно 50 заложници, од кои, според претпоставките, живи се само 20.
„Сакам да ги приберам сите. Во моментов имаме спогодба која предвидува дека ќе вратиме половина од живите и половина од мртвите“, рече Нетанјаху за американската телевизија Њузмакс.
Израелскиот премиер се надева дека ќе ги врати и останатите заложници и објави дека веројатно Израел и Хамас ќе склучат ново примирје што ќе трае 60 дена и за тоа време ќе се обидат да договорат крај на војната што трае безмалку 2 години.
Хамас го нападна јужниот дел на Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи околу 1 200 Израелци и земајќи 251 заложници. Тоа беше почеток на војната за која според податоците на министерството за здравство на Газа, загинале повеќе од 50 000 Палестинци, од кои голем број жени и деца.
Од почетокот на оружениот судир, двете страни се спогодија за две примирја – едното во ноември 2023 а второто во јануари годинава. Во мај Израел ја засили својата офанзива во мај, што предизвика дополнителни критики од меѓуародната заедница и влошување на односите со дел од западните партнери.
Во средата од Хамас порачаа дека во преговорите со Израел за примирје, главните пречки се начинот на дистрибуција на хуманитарната помош во текот на примирјето и израелското одбивање да ја повлече војската од окупираните делови на Газа.
Нетанјаху, пак, објави дека наскоро ќе потпише мировни договори со редица арпаски страни.
„Нашите арапски соседи воздивнаа со олеснување (во врска со воената операција против Иран). Со некои од нив веќе склучивме мир, а со други наскоро ќе склучиме мировен договор“, порача Нетанјаху.