Нетанјаху се закани: Во следните денови Израел со целата сила ќе влезе во појасот Газа

од desk4
99 прегледи

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека израелската армија во наредните денови ќе влезе со полна сила во Појасот Газа, со цел целосно да ја заврши тековната воена операција и да го порази Хамас.

„Во наредните денови ќе влеземе со сите наши сили за да ја завршиме операцијата и да го поразиме Хамас. Нема да има ситуација во која ќе ја запреме војната“, изјави Нетанјаху на средба со израелски резервисти, според соопштението на неговиот кабинет.

Дополнително, премиерот објави дека неговата влада работи на пронаоѓање земји кои би биле подготвени да ги прифатат Палестинците кои сакаат да заминат од Газа.

„Воспоставивме администрација што ќе им овозможи да заминат, но проблемот е што ни требаат земји што ќе ги прифатат. На тоа активно работиме“, рече тој.

Нетанјаху додаде дека, доколку се даде можност, повеќе од половина од населението во Газа би ја напуштиле територијата: „Ако им дадеме шанса да заминат, ви велам, повеќе од 50 проценти ќе заминат, а мислам дека и повеќе.“

Овие изјави доаѓаат во време на интензивирање на конфликтот во регионот и предизвикуваат дополнителни реакции на меѓународната сцена.