Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека израелските сили го елиминирале лидерот на Хамас во Појасот Газа, Мохамед Синвар — еден од најбараните палестински личности и помлад брат на убиениот поранешен лидер на Хамас, Јахја Синвар. Потсетување, пред околу десет дена, телевизискиот канал Ал-Хадат објави дека телата на Мохамед Синвар и десет негови соработници биле пронајдени во тунел во Кан Јунис, по израелски напад. Во истата операција, според истиот извор, бил убиен и командантот на бригадата Рафа, Мохамед Шабана.
Од командант до еден од најбараните
Мохамед Синвар беше познат палестински политичар и воен командант. Тој ја презеде улогата на лидер на Хамас во Појасот Газа во октомври 2024 година, откако неговиот брат Јахја Синвар беше убиен во израелско-хамасовата војна. Роден е во 1975 година во бегалскиот камп Кан Јунис и долго време важеше за влијателна фигура во рамките на бригадите Ал-Касам, военото крило на Хамас.
Познат е и по својата вмешаност во киднапирањето на израелскиот војник Гилад Шалит во 2006 година. Преживеа неколку обиди за атентат, а израелските власти го сметаа за еден од главните организатори на масовниот напад на 7 октомври 2023 година, кој ја започна најновата ескалација на насилствата. За информации што би довеле до неговото апсење или убиство, Израел нудеше награда од 300.000 долари (околу 269.000 евра).