Нетанјаху во Рафа: Не сме вазална држава, Израел ќе постапи според своите интереси во спротивставувањето со Бајден

од Илинка Илиоска
176 прегледи

Еден ден откако американскиот претседател Џо Бајден го предупреди Израел дека голем напад врз милионскиот палестински град Рафа, каде бегалците се засолниле од израелскиот напад врз Појасот Газа, би значело дека „црвената линија е премината“, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска на состанок со официјални претставници задолжени за безбедноста рече дека „Израел не е вазална држава“.

На средбата, лидерот на Израел го спореди своето несогласување со Бајден за Рафа со несогласувањето на поранешниот израелски премиер Дејвид Бен Гурион, кој прогласи независност на Израел во 1948 година и покрај противењето на тогашниот американски државен секретар Џорџ Маршал, објави американскиот информативен портал „Аксиос“.

Нетанјаху им порача на членовите на неговиот кабинет дека секогаш знаел да се спротивстави на притисокот од Вашингтон и дека тоа ќе го направи повторно доколку е потребно.

Во интервју за американскиот ТВ канал Си-Ен-Би-Си, премиерот на Израел рече дека неговата земја ќе го направи „тоа што е потребно“ во Рафа и покрај несогласувањето со долгорочниот сојузник на САД.

-Да, не се согласуваме за Газа. Подобро да се каже за Рафа, но ќе го направиме она што треба да го направиме. Понекогаш треба да го направите токму она што е неопходно за да се обезбеди опстанок и иднина. Не можеме да продолжиме ако Хамас повторно ја преземе Газа, рече Нетанјаху, изразувајќи надеж дека САД ќе се согласат, но дека на крајот тој „мора да го заштити животот на нацијата“

Слични содржини