Неупотребата на „Северна“ во заклетвата од правен агол: „Силјановска потпиша изјава со уставното име на државата и тоа е сосема доволно бидејќи е акт што обврзува“

од Nikola Popovski
1,4K прегледи

Како од надвор, така и на домашната сцена многу реакции поради тоа што во заклетвата новата претседателка Гордана Силјановска-Давкова кажа „Република Македонија“, а не Република Северна Македонија како што е уставното име на државата. Ги налути соседите, но и ги подели домашните политичари, аналитичари и правници. Едните со став дека донела храбра одлука, Уставот не е прекршен, додека другите со размислување за можни негативни влијанија.

„Силјановска-Давкова го погази Уставот и уште при првиот збор создаде криза“, велат од ДУИ. Пратеникот Арбер Адеми изрази жалење поради тоа што во заклетвата новата претседателка не го истакнала уставното име на државата. Додава дека во нејзиниот говор немало ништо суштинско – не се осврнала на НАТО, ниту обврските и предизвиците кои ни престојат како земја-членка, а не спомнала за евроинтегративниот процес на државата. Адеми вели во говорот немаше ниту збор за меѓуетничките односи.

Се огласи и министерот за правда, Кренар Лога кој порача дека непочитувањето на уставното име на државата ја прави ништовна заклетвата. тврди дека е потребно повторување на постапката или функцијата претседател на државата треба да ја преземе Јован Митревски (претседател на Собранието), како вршител на должноста.

Дали од правен аспект Силјановска Давкова постапи правилно со тоа што ја изостави „Северна“?

Адвокатот и поранешен судија, Владимир Туфегџиќ смета дека претседателката потпиша изјава со уставното име на државата и тоа е сосема доволно бидејќи е акт што обврзува. Во разговор за „Локално“ истакнува дека факт е дека Изборниот законик во смисла на името на државата нема измени во духот на уставните измени и не е усогласен, иако е повеќе пати менуван во време кога уставната реалност не обврзува со новото име.

Владимир Туфегџиќ

-Од сето ова не треба да се создава дополнителен проблем, а особено тоа не треба да го прават тие кои до сега со пасивниот однос дозволија другата страна фактички да не исполни ниту една клучна одредба од склучениот договор и во таа смисла повеќе закони сеуште не го поминаа филтерот во грчкиот Парламент, дециден е Туфегџиќ.

Според него, ваквите реакции се непотребни бидејќи со тоа самите го банализираме Договорот, не гледајќи ја неговата целовитост и суштина која значи обврски и на другата страна.

-Конечно, целата изборна кампања помина во знакот на Македонија како основен мотив кон електоратот и немаше никаква реакција од другата страна ниту од претставниците на ЕУ и така треба и да остане, истакнува правникот.

Од друга страна, професорката на Меѓународниот Славјански Универзитет, Јагода Барџевска-Митревска објаснува дека со вчерашната заклетва прекршен е Уставот со тоа што од 2018 година во Преамбулата стои додавката „Северна“ преку ратификуваниот Преспанскиот договор. Во разговор за „Локално“ истакнува дека може да се доведе во прашање нашето членство во НАТО и застојот на државата во европските процеси, поради ваквите потези.

Проф. Јагода Барџевска Митревска

-Употребата на Република Македонија во нашиот говор е присутна и е желба на секој Македонец. Но, овде се работи за устав на државата пред кој се дава најсвечениот цин заклетва. Тоа добро го знае проф. Давкова. Сметам дека ова е една популистичка мерка која ја промовираа во изборниот процес за пред граѓаните, иако самите знаат дека правно не е издржано, истакнува Барџевска Митревска.

Според неа, ако сакаме да го вратиме старото уставно име, тоа е процес во кој треба да се обратиме во ОН, со што нашиот парламент може да изгласа со двотретинско мнозинство прекинување на Преспанскиот договор и автоматски излегување од НАТО.

-Изборниот законик е прекршен и може да се премине на повторна процедура на заклетва на Силјановска Давкова пред Уставот. Мислам дека професорката нема да го повтори понатака ваквиот пристап во меѓународното преставување на државата, истакнува професорката, додавајќи дека е направен пропуст и во самиот чин во законодавниот дом.

Барџевска Митревска потенцира дека претседателот на Собранието требаше веднаш да ја повтори постапката и да оди на повторно читање на Уставот.

-Ова сметам дека беше едно оправдување пред гласачите од изборната кампања иако самата кажа во неколку свои настапи дека ќе го почитува Преспанскиот договор. Реакциите од мегународниот фактор се многубројни и сметам дека Давкова свесно го направи тоа, но од утре ќе продолжи со почитување на уставното име, додава профоесорката од Меѓународниот Славјански Универзитет.

Н.П.

Слични содржини