Neuralink, биотехнолошката компанија во сопственост на Илон Маск, објави во понеделник дека собрала 650 милиони долари во својата последна рунда финансирање, a нејзиниот имплант за мозок влегува во клинички испитувања
„Ова финансирање ни помага да ја доближиме нашата технологија до повеќе луѓе – враќајќи ја независноста на лицата со попреченост кои во моментов немаат други решенија и поместувајќи ги границите на она што е можно во областа на интерфејсот мозок-компјутер“, велат од Neuralink, според Ројтерс.
Компанијата започна клинички испитувања во три земји, а уредот вклучува чип кој обработува невронски сигнали и ги пренесува на компјутери или паметни телефони. Според компанијата, пет пациенти со тешка парализа веќе користат импланти на Neuralink за контрола на дигитални и физички уреди со своите мисли.
Американската администрација за храна и лекови (FDA) минатиот месец му додели на Neuralink ознака „револуционерен уред“ за технологија за реставрација на говор – овозможувајќи да биде забрзан до развој и одобрување – додека една година претходно истата ознака беше доделена на нивниот систем за реставрација на видот.
Станува збор за регулаторна програма која, според официјалните информации од FDA, овозможува забрзан развој, евалуација и одобрување на медицински помагала кои можат значително да го подобрат третманот на сериозни или хронични медицински состојби.
Во меѓувреме, Елон Маск минатата недела објави дека се повлекува од функцијата специјален советник на американскиот претседател Доналд Трамп за да се префокусира на водењето на неговите компании, вклучувајќи ги Neuralink, Tesla, SpaceX, xAI и социјалната мрежа X.
Според американските медиуми, инвестициската банка Morgan Stanley работи на обезбедување пакет за долгови во износ од пет милијарди долари за стартапот за вештачка интелигенција xAI на Маск, кој истовремено се подготвува за продажба на акции во вредност од 300 милиони долари, со што има за цел да постигне пазарна проценка од 113 милијарди долари.
Neuralink соопшти дека голем број познати инвеститори учествувале во најновата инвестициска рунда, вклучувајќи ги: ARK Invest, DFJ Growth, Founders Fund, G42, Human Capital, Lightspeed, Qatar Investment Authority (QIA), Sequoia Capital, Thrive Capital, Valor Equity Partners и Vy Capital.
Според извештајот на „Семафор“ од мај, Neuralink уште тогаш собрала 600 милиони долари, а компанијата била проценета на 9 милијарди долари, пред последната инјекција на финансирање.