Актерот Шон Пен пет пати беше номиниран за Оскар и освои две златни статуетки за филмовите Milk и Mystic River.
Сепак, овој оскаровец пред неколку дена го изрази своето незадоволство од Американската филмска академија при посетата на филмскиот фестивал во Маракеш каде ја доби наградата за животно дело.
Шон Пен ги обвини Оскарите за „ограничување на различните културни изрази“ и го поддржа филмот на Али Абаси „The Apprentice“ за Доналд Трамп.
„Академијата покажа навистина неверојатен кукавичлук кога станува збор за учество во поширокиот свет на изразување. Всушност, тоа често ја ограничува имагинацијата и разновидните културни изрази“, рече Пен на прес-конференција, пишува Variety.
Според Шон Пен, Оскарите треба да се гледаат како телевизиско шоу, а помалку како мерка за уметничка вредност.
„Затоа не се возбудувам премногу за она што го нарекуваме Оскар, освен кога во игра се филмовите како The Florida Project, I’m Still Here или, да речеме Emilia Perez, може да бидат во игра, како што може да биде случај оваа година“, додаде Пен.
Последниот проект на кој работел актерот е филмот September 5, чиј продуцент беше тој. Режисер и сценарист на филмот е Тим Фелбаум.
Приказната се одвива за време на Летните олимписки игри 1972 година во Минхен, каде што американски спортски новинарски тим брзо се префрла од известување за спорт на следење на настан во живо, откако израелски спортисти ќе бидат земени како заложници.
Низ оваа перспектива, филмот нуди нов поглед на преносот во живо, кој во тоа време го гледале околу милијарда луѓе ширум светот.
Во центарот на приказната е Џеф (Џон Магаро), млад и амбициозен продуцент кој се обидува да му ја докаже својата вредност на шефот, легендарниот продуцент Руни Арлиџ (Питер Сарсгард). Тој, заедно со преведувачката Меријен (Леони Бенеш) и менторот Марвин Бадер (Бен Чаплин), неочекувано го преземаат водењето на преносот во живо.