На социјалните мрежи со молскавична брзина се шири ВИДЕО од скок на автомобил Tesla, но полицијата се уште не го идентификувала насилникот.
Да потсетиме, непознатиот возач, откако го напушти собирот на фанови на Tesla во Лос Анџелес, одлучи да го направи скокот со полна брзина. Тој го направил скокот во „Ехо Парк“, при што видно го оштетил автомобилот вреден над 100.000 долари, а по не толку безопасно слетување удрил во најмалку едно паркирано возило. За среќа, нема повредени.
Видеото го објави јутјуберот Алекс Чои кој вели дека возачот на оваа Tesla решил да отиде до местото каде што друг јутјубер (Дејвид Добрик) направил скок во Tesla Model X.
Овој пат скокот беше далеку понеизвесен, а Tesla лимузината однесе неколку канти за ѓубре и заврши во паркиран Subaru.
Откако видеото собра повеќе од милион прегледи, целиот настан ја заинтригира и полицијата. Дополнителна причина е тоа што се работи за изнајмена Tesla која по несреќата останала на улица.
„Во моментов немаме опис на возачот, а автомобилот е напуштен. Прекршокот е направен и детективите работат на пронаоѓање на виновникот“, изјави портпаролот на полицијата за Newsweek.
Полицијата во моментов нуди награда од 1.000 долари за информации што ќе доведат до идентификација на возачот.