Неверојатни бројки: Bluesky достигна 20 милиони корисници!

од Vladimir Zorba
142 прегледи

Децентрализираната социјална мрежа Bluesky достигна 20 милиони корисници, само неколку дена откако пријави 15 милиони. Во последните три месеци, базата на корисници на платформата се зголеми речиси тројно, што укажува на извонреден раст и зголемен интерес на корисниците.

Импресивен раст и покрај конкуренцијата

Иако Bluesky сè уште заостанува зад конкурентите како Threads и X (поранешен Twitter), сегашниот раст е забележлив. Во текот на изминатата недела, апликацијата во неколку наврати привлече милион нови корисници во еден ден. За споредба, Threads, платформа развиена од Меtа, исто така бележи слична дневна стапка на раст веќе неколку месеци. Threads неодамна достигнаа 275 милиони месечни корисници, со дополнителни 15 милиони регистрирани од почетокот на ноември.

Според податоците на аналитичката компанија App Figures, Bluesky веќе шест дена е првата апликација на App Store на Apple, додека во последните четири дена е меѓу водечките апликации надвор од категоријата игри на Google Play. Споредбено, Threads е на второто место во рангирањето на Apple.

Што го поттикнува овој раст?

Овој значаен скок кај корисниците делумно се припишува на фрустрацијата кај постоечките X корисници. Според извештајот на аналитичката компанија SimilarWeb, сообраќајот на Bluesky се зголемил на 7 ноември, ден по претседателските избори во САД. Тој ден, исто така, забележа пораст на корисници кои се обидоа да ги деактивираат своите X сметки.

Bluesky дополнително се разликува со својот пристап кон приватноста и деловните практики. Компанијата неодамна објави дека нема да ја користи содржината на своите корисници за обука на генеративни модели со вештачка интелигенција, со што се издвојува од X, чија нова политика за приватност овозможува соработка со трети страни за обука на вештачка интелигенција на кориснички објави. Исто така, извршниот директор на Bluesky, Џеј Грабер, истакна дека „не сака да ја натрупува мрежата со реклами“.

Во меѓувреме, Threads планира да започне со експериментирање со првите реклами веќе во јануари, што би можело да поттикне понатамошен егзодус на корисници на платформи како Bluesky.

Децентрализирана иднина?

Децентрализираната природа и проактивните политики на Bluesky привлекуваат корисници кои бараат алтернативи за традиционалните социјални мрежи. Иако се уште е далеку од големината на Мета платформите, сегашниот моментум покажува потенцијал за понатамошен раст и зајакнување на нејзината позиција на пазарот.

Бидејќи корисниците се повеќе се свртуваат кон платформи кои ја нагласуваат приватноста, отвореноста и транспарентноста, Bluesky би можел да стане клучен играч во обликувањето на иднината на социјалните мрежи, заклучува Engadget.

Слични содржини