Невладините контра мобилизацијата на МПЦ: Наративот против родовата еднаквост се коси со вредностите на христијанството

од Nikola Popovski
949 прегледи

„Чудовишен конструкт“ и „отворање на Пандорината кутија со што секој ден можат да излегуваат разноразни родови“. Вака Македонската православна црква – Охридска архиепископија ги оцени предлог-законите за родова еднаквост и за матична евиденција. По тој повод тие најавија сенароден протест кој треба да се одржи во четврток 29-ти јуни пред Соборниот храм. Црквата ги повика верниците, граѓанските здруженија, организации и сите истомисленици да им се придружат во, како што велат, оваа борба за достоинство, слобода и заштита на основните верски права и заштита на нашата вера и традиција од обиди за нејзино искоренување“.

На ваквите ставови бурно реагираа од невладините организации кои се дел од Платформата за родова еднаквост. Како што велат, со ова законско решение не се одземаат нечии права, туку се предвидуваат подобри институционални механизми за унапредување на положбата на жената и на еднаквоста на жените и мажите во остварувањето на својот личен, социјален, економски и општествен потенцијал. Од Aсоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА за „Локално“ тврдат дека постои сеприсутна паника и лажни информации што се пласираат за Законот за родова еднаквост. Информираат дека Законот за родова еднаквост воопшто не е во собраниска процедура, а Законот за матична евиденција е предложен во редовна постапка и сѐ уште не е ставен на дневен ред во Собранието. Исто така нагласуваат дека еднаквоста без исклучок оди рака подрака со еманципацијата, а тоа значи здобивање со основните човекови права, но и осамостојување и ослободување од зависност, предрасуди и застарени сфаќања.

-Еманципацијата преставува врвна цивилизациска придобивка без која нема развој во општеството. Оттука, ниту еманципацијата ниту еднаквоста не би требало никому да му пречат, баш напротив! Иако целокупниот наратив против родовата еднаквост – за којшто МПЦ навидум дури годинава стана свесна – се коси со вредностите на христијанството, не може да кажеме дека ваквиот повик нѐ изненадува. Историјата барем ни има покажано колку една религија може да се искористи за да се нанесат ненадоместливи штети врз човештвото, особено за да се уназади позицијата на жената и нејзините права во општеството. И ден-денес, Црквата е најголемиот противник на репродуктивната слобода на жените насекаде во светот. До ден-денес Црквата кај нас не дозволи жена да биде свештено лице, да носи одлуки и да биде поставена на раководна функција. И тоа не е случајно! Има дури и апсурдни примери каде на жените им се забранува движење во религиозен објект, па не можат да преминат зад олтарот во црквата. И ова е одличен приказ како патријархатот е отсликан во самото функционирање на оваа религиозна заедница, порачуваат од ХЕРА.

Од таму се децидни дека Црквата единствено ја интересира да се одржи статус-квото, а привилегираните да ја зачуваат својата моќ.

-Да се грижеа навистина за правата на жените, белки ќе се сетеа да видат каква е ситуацијата на терен со работничките права на жените, со пристапот до здравствени услуги, со неплатената репродуктивна грижа во домот, со насилството чии сторители се најчесто мажите, а жртви децата и жените. Па наместо осуда и нетрпеливост, ќе понудеа решенија и активно ќе се вклучеа во справувањето со дискриминацијата и родовата нееднаквост. И, секако, ќе се оградеа од сите свештени лица кои во изминатиов период, отворено и пред камера го злоупотребија своето право на слободен говор за да ги повредат правата на другите луѓе и за да ги зајакнат предрасудите и стереотипите во општеството. Колку за пример, најновиот случај е оној со епископот Јаков Стобиски за кој Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека сторил дискриминација – истиот човек којшто отворено беседеше против родовата еднаквост изминативе месеци, истакнуваат од невладината организација.

За одлуките на советите на Општина Струмица и на Ново Село за признавање на само два рода машки и женски односно против правно признавање на родот, од ХЕРА оценуваат општините не се грижат подеднакво за сите свои граѓани.

-Така оставаат дел од граѓаните на маргините на општеството, ускратувајќи им ја можноста да си ги остваруваат своите основни човекови права – иако се избрани да ги претставуваат сите граѓани и да се залагаат за подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани. Се разбира дека ова може да се прошири и кај останатите општини – не е лесно здраворазумски да се размислува и одлучува кога владее морална паника, а особено кога капацитетите за критичко размислување се речиси непостоечки, животниот стандард сѐ понизок, а стремежите на народните претставници главно популистички! Конечно, ваквиот наратив не го измислија овие општински совети ниту МПЦ туку го присвоија од Европа и Америка, свесно замижувајќи пред сериозните последици што ваквите стратегии и наративи таму веќе ги имаат по животите на граѓаните и семејствата, напоменуваат од невладината организација.

Верувањето во Бога и верската определба е личен и приватен став на секој граѓанин,истакнуваат од таму, како и дека не е спорно правото на верска определба на ниту еден граѓанин, па ни на политичарите. Меѓутоа, сметаат од ХЕРА дека политичарите не се избрани како народни претставници заради верувањето или неверувањето во Бога, туку заради решавање на локалните проблеми на сите граѓани и за подобрување на нивниот квалитет на живот, односно заради социјал-демократските вредности.

-Оттука, посочените примери ни покажуваат дека кога верската определба им влијае на народните претставници во нивната работа, тоа, за жал, најчесто дава основа за поттикнување уште поголема нетрпеливост и омраза кон други групи на граѓани или кон неистомислениците, а неретко и за кршење на законските овластувања – наместо да придонесе за поинклузивни политики, надминување на предрасудите и поголема еднаквост во општеството, потенцираат од невладината.

Децидни се дека претставниците на политичките партии, а особено избраните функционери, треба да престанат да се возат на „бранот на популизмот” и конечно да застанат зад правата на сите граѓани.

-Кога станува збор за човековите права, не би требало да се водиме од лева или десна идеологија; политичките партии еднаш засекогаш треба да се согласат и да застапуваат сите граѓани да се слободни, еднакви и да живеат во добросостојба без да бидат етикетирани или дискриминирани по која било основа. Очекуваме СДСМ јавно и отворено да каже кои вредности навистина ги застапува и практикува како социјал-демократска партија и да престане да кокетира со Црквата и со антиродовите движења кои сакаат да ја вратат државата неколку векови назад. СДСМ, исто така, треба да застане зад своите програмски определби и да го поднесе во Собрание Законот за родова еднаквост којшто како ниту еден друг закон се подготвува со вклученост на претставници од сите институции и експерти кои со години работат на унапредување на родова еднаквост и за кои се спроведе  широка јавна дискусија. Пратениците на СДСМ, како претставници на владејачка партија во рамките на Собранието, имаат обврска да поттикнат дебата за усвојување на Законот за матична евиденција во Собранието на Македонија, таму каде што треба да се дискутираат законските решенија, а не да бегаат од овие дискусии со негово стопирање и повлекување, нагласуваат од невладината организација кој е дел од Платформата за родова еднаквост.

Од Здружението за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР Скопје во разговор за „Локално“ се согласуваат со ставот на останатите невладини организации и порачуват верските претставници не ја стишуваат антиродовата борба, туку напротив дополнително ја вжештуваат ситуацијата со тоа што повикуваат на јавен протест и бараат од своите поддржувачи да си ја заштитат верата и традицијата, семејството и децата.

-Ваквата поделба на верски луѓе и оние „неверниците“, кои во случајов се токму најмаргинализираните и најранливите категории на граѓани, е само доказ дека се уште сме заглавени во едно труло општество, во кое Црквата ја користи религијата да ги исполни свои идеологии и да наметне субјективно мислење и став на општата јавност. Ваквото делување на Црквата е загрижувачка и опасна за општеството, која ги бутка веќе маргинализираните заедници се подлабоко на маргините, ги прекршува човековите права и им го попречува патот на сите оние кои се борат против антиродовите движења, оценуваат од СТАР-СТАР.

Околу „наратив“ на општините Струмица и Ново Село наведуваат дека може лесно да се прошири, што дополнително придонесува кон кршење на правото на слобода и социјална правда на граѓаните на РСМ.

-Со нивната јавна пропаганда против Законот за правно признавање на родот уште повеќе се уназадува положбата на жената во општеството и ги спречува ЛГБТИ луѓето да го остварат правото на слободно изразување и да бидаат соодветно заштитени од државата, велат од Здружението за поддршка на маргинализираните работници.

За тоа дали политичарите со левичарска идеологија во земјава се повеќе се качуваат на бранот на десницата во однос на ставовите за црквата и родовата еднаквост, невладината организација порачува дека политичарите како и верските претставници ги користат своите јавни функции да шират лични ставови и мислења кај народот.

-Наместо, да ги почитуваат основните принципи на едно демократско и толерантно општество, тие промовираат и поттикнуваат говор на омраза и насилство повикувајќи се на својата вера и верски определби, заборавајќи дека се должни да ги заштитат сите граѓани подеднакво, без оглед на нивниот пол, род, сексуална ориентација, етничко потекло, верска припадност, социјален или работен статус, заклучуваат од СТАР-СТАР.

Н.П.

Слични содржини