Невладините со осуда за посланието на владиката Петар: „С. Македонија е секуларна држава, Црквата нема право да се меша во законите за родова еднаквост“

од Nikola Popovski
403 прегледи

Не престануваат реакциите во јавноста после контроверзното велигденско послание на владиката Петар. Тој во годинешно обраќање објавено на социјалните мрежи, жестоко го нападна феминизмот и кажа дека родовата еднаквост е изопачена. Порача дека сѐ почесто се случувало феминистички здруженија, барајќи права, да го вперат прстот во Црквата и како одговор на 8 мартовски транспарент, за кој како што тврди бил со вулгарна порака, вели дека пред појавата на феминизмот жените биле домаќинки, додека сега се еманципирани, но и се почесто разведени.

Здружение за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР Скопје

Дел од невладините организации јавно го осудуваат ваквиот говор кој ги стигматизира и деградира жените. Од Здружението за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР Скопје во разговор за „Локално“ велат во изминатиов период, сведоци сме на многубројни јавни излагања на претставници на Црквата, во кои се стигматизираат одредени ранливи категории на граѓани, што е навистина загрижувачки и опасно за целото општествто.

-Поразително е тоа што медиумите ги пренесуваат ваквите дискриминирачи изјави на сензационалистички начин и без никава осуда, што пак дополнително придонесува за ширење на омраза и насилство помеѓу народот. Во Република Северна Македонија, како секуларна држава, црквата нема право да се меша во обликувањето и донесувањето на законите кои се однесуваат на родовата еднаквост, потенцираат од СТАР-СТАР.

Сметаат дека за таквото однесување треба да се позанимаваат стручните институции.

-Предрасудите, стигмата и говорот на омраза, кон ранливите категории на граѓани, меѓу кои и жените, се постојано присутни во нашето општество. Како што напоменавме и претходно ова се должи на конзервативната традиција и култура во која живееме и невидливоста на маргинализираните луѓе во јавната сфера. Односот кон овие маргинализирани лица е загрижувачки, и потребно е воведување на промени особено во делот на пристап до правда, здравство, социјална заштита, како и спроведување на соодветни санкции согласно законските прописи против ширењето на говор на омраза, повикување на насилство и јавно стигматизирње без разлика од каде доаѓа, институциите, медиумите, МПЦ и/или ИВЗ, ни рекоа од здружението.

Упатуваат пораки од МПЦ дека треба да се престане со ваквиот навредлив настап на црковните лица.

-Овој нов тренд на јавно ширење мизогинија, говор на омраза и повици за насилство, предводен од верските лица, треба што е можно побрзо да запре и Црквата да почне да се занимава со практикување на религиските учења согласно законските можности во нашата земја, а не со ширење на демагогии за феминистичките движења и жената во општеството, истакнуваат од СТАР-СТАР.

Јованка Тренчевска

Со остра реакција денеска се огласи и министерката за труд и социјала, Јованка Тренчевска. Му порача на владиката Петар дека „не е време за инквизиција“.

-Владико тоа ти со твоите ретроградни ставови, со понижувањата и омаловажувањата кон жената не можеш да го разбереш. Богохулие е отровот што го пушташ и со кој навредуваш и понижуваш 51% од популацијата. Не си ги разбрал поимите, но и времето во кое живееме. Не е време на инквизиција, Владико. Живееме во демократија. Во време кога можеби не секоја жена е гласна, храбра, но оние гласните и храбри се борат за родова еднаквост. За своите права и правата на секоја друга жена. За правата на секој поединец во општеството, објави Тренчевска на социјалните мрежи.

Н.П.

Слични содржини