Административни службеници на МВР им давале листи за пристапување кон Македонскиот полициски синдикат на кадидатите за полициски службеници на часовите за обука во Центарот за обука – Идризово уште пред тие да остварат работен однос, обвини денеска претседателот на Независниот синдикат на полицијата (НСП), Гоце Делчев.
Делчев го повика актуелниот технички министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, да испрати внатрешна контрола и да го извести Основото јавно обвинителството, бидејќи, како што предупреди, на овој начин им се прави штета на вработените во МВР.
„Тука има одговорност на лица кои се на раководни функции во МВР, кои им дозволиле на дел од часовите слушателите да ги запознаваат со работата и програмата на Македонскиот полициски синдикат и им дале пристапници за пополнување, со што на денот кога ќе почнат со работа ја активираат таа пристапница и Македонскиот полициски синдикат за еден ден прави 500 членови,“ изјави Делчев.
Тој рече дека во Центарот за обука – Идризово моментно има 80 кандидати за полициски службеници и оти таквиот начин на членство е практика во изминатите десет години.
„Дел од раководството изминативе три дена непрекинато го прават со два тима, конкретно 80 слушатели се на курсот. Дел од обуката е запознавање на т.н. Единствен Македонски полициски синдикат, кој изминативе десет години на овој начин ги направил тие 5.000 членови, кој за мене е криминален начин,“ рече Делчев.