По повод привременото прекинување на тестирањето за вакцината за коронавирус, компанијата „AstraZeneca“ вчера објави дека дел од нивните стандардни процедури е да го проверат процесот на таканаречените „рандомизирани контролирани клинички испитувања на вакцините“ наречени AZD1222, на кои работат во соработка со Универзитетот Оксфорд.
Компанијата нагласува дека тие доброволно ја паузирале вакцинацијата на учесниците во сите испитувања со цел да овозможат независна анализа на безбедносните податоци на еден случај на необјаснета болест што се случи за време на третата фаза од испитувањето во Велика Британија.
„Тоа е рутинска активност што се презема секогаш кога постои потенцијално необјаснета болест кај некој од учесниците во процесот. Анализата, меѓу другото, го обезбедува и интегритетот на тестот. Во големи клинички испитувања, може да се појави случајно заболување. Ако тоа се случи, потребно е да се спроведе независна анализа за да се утврди зошто се појавила болеста. „AstraZeneca“ работи на забрзување на истрагата на овој изолиран случај, така што влијанието врз планираното време на тестирање е минимално. На нашите тестови ги применуваме највисоките стандарди за работа и се залагаме за безбедноста на учесниците во тестот“, се вели во соопштението на компанијата.
Паскал Сорио, извршниот директор на оваа куќа, изјави дека јадрото на нивниот бизнис е науката, безбедноста и интересите на општеството. Оваа привремена пауза е директен доказ дека тие ги следат тие принципи, вели тој, бидејќи независни експерти анализираат што се случило во овој изолиран случај, што е дел од една од нивните истраги.
„Тие се тука за да проценат кога можеме повторно да започнеме со тестирање, затоа што сакаме да продолжиме со тестирање што е можно поскоро со цел да се обезбеди оваа вакцина подеднакво на што повеќе луѓе, без профит, за време на пандемијата. Вакцината „AZD1222“ е изработена во соработка со Универзитетот Оксфорд и неговата подружница „Vaccitech“. Таа користи вирусен вектор без можност за репликација заснован на ослабена верзија на вирусот настинка (аденовирус) што предизвикува инфекции кај шимпанзата и содржи генетски материјал на SARS-KoV-2 шилестиот протеин. По вакцинацијата, телото го произведува тој протеин што имунолошкиот систем подоцна го препознава и го напаѓа вирусот SARS-KoV-2 доколку се обиде да го зарази телото“, вели Сорио.
Потсетуваме, светските медиуми објавија дека кај волонтер кој примил вакцина, бил дијагностициран таканаречен трансверзален миелитис, невролошко пореметување предизвикано од воспаление на ‘рбетниот мозок, кое може да биде предизвикано од вирусни инфекции.
Ројтерс објави дека волонтерот се опоравува и ќе биде пуштен од болницата. „AstraZeneca“ е водечка глобална научно-биофармацевтска компанија насочена кон откривање, развој и комерцијализација на лекови на рецепт, пред се на третман на болести, во три терапевтски области – онкологија, кардиоваскуларни, бубрези и метаболизам, како и респираторни и имунолошки области.