Независните ќе се обединат, но не во политичка партија

од Vladimir Zorba
1,8K прегледи

По успехот на независните листи на локалните избори со влегувањето на советници во голем број исклучително битни општини (Скопје, Центар, Карпош, Куманово, Битола, Тетово, Струмица), природно се наметнува прашањето: колкав е вистинскиот потенцијал на овие иницијативи? Можат ли тие навистина да донесат квалитативна промена во овдешната политика?

Било какви рефлексии на ова прашање неизбежно водат кон идејата за обединување и заедничко настапување. Како пропонент на зелената идеологија и близок соработник на некои од овие групи во последниот период често го добивам ова прашање. Зошто независните да не прераснат во политичка партија?

Целосно ги разбирам сите оние кои во овие нови политички изблици гледаат зрак надеж за иднината на оваа држава и искрено веруваат дека на овој начин побрзо ќе стигнеме до посакуваната цел. Но токму поради иднината на оваа држава, на тоа искушение независните мора да одолеат, и да најдат друг начин на окрупнување.

А таков начин постои.

Најпрвин, мора да се погледне наназад и да се учи од искуството. Шарената револуција е совршен пример зошто идеолошки хетерогени коалиции формирани врз база на најмал заеднички содржател се неодржливи на долг рок. Кога бракот е од интерес, а целта краткорочна, тогаш тиквата ќе пукне брзо, и само ќе го уништи токму тој мал зрак надеж кој продрел кај граѓаните.

Некој ќе каже дека во случајот на независните обединувањето не би било само прагматично, бидејќи се работи за групи со слична идеолошка позадина. Дури и ова да е точно (а не е, за тоа во продолжение), повторно остануваат голем број стратешки, оперативни и лични некомпатибилности кои на крајот ќе завршат фатално по самото движење.

Ова не е без преседан кај нас. Буквално истото се случи со оригиналната верзија на Левица, а ниту зелените не се имуни на ваков расплет, како што покажа краткотрајната протестна авантура на Зелен Фронт. Во овој проект беа вклучени речиси сите поголеми еколошки здруженија, но по успешно организираните масовни демонстрации есента 2019, не успеаја да најдат заеднички јазик за патот напред.

На страна од сето ова, суштинска причина поради која обединување би било политичко самоубиство е фактот што поимот „независни” е недовршена конструкција од целосното значење „независни од партиската политика”. Ова е и најголемиот адут на ваквите иницијативи, со оглед на општата резигнација од партиите и нивните привилегии, корумпираност, клиентелизам и комбинаторики.

Во однос на иднината ова има две клучни импликации. Прво, дека секоја од овие иницијативи е исправена пред фундаментална одлука: дали непартиското делување ќе го одведе на повисоко ниво, и ќе се редефинира како организација со антипартиски карактер. Постои огромна разлика меѓу дистанцирање од партиите како политички субјект и нивно активно делегитимирање како носител на политичкото во Македонија. Второво означува прифаќање на радикална агенда за целокупна трансформација на политичкиот систем, според која новото нема повеќе да коегзистира покрај старото, туку ќе го замени.

Тесно поврзано со оваа одлука е и втората импликација. Независноста на независните се однесува и на нивниот меѓусебен однос. Иако во моментов тие не си претставуваат конкуренција, кога нивните амбиции и светогледи ќе се издиференцираат, нивните полиња на дејствување ќе почнат да се преклопуваат, а нивните поддржувачи ќе дојдат до дилема каде да се позиционираат меѓу нив.

Судирот меѓу поблагите непартиски независни, и радикалните антипартиски независни, неминовно ќе резултира со асимилација на првите. Прашањето е дали таа ќе биде преку конфронтација, или преку соработка. Првото не смее да биде опција. Без разлика на изборот кој го направиле во однос на дилемата не-или-анти-партизам, интегритетот на овие иницијативи мора да се заштити.

Кога ова ќе биде осигурано, меѓусебната интеграција мора да се изведе внимателно, избегнувајќи копирање на традиционалниот модел и структура на една национална партија. Било каква идна коалиција на независни може да биде единствено неформална, хоризонтална и флексибилна. Ако оваа коалиција реши да застане под исто знаме, тогаш тоа треба да биде единствениот елемент адаптиран од партиите – бренд идентитетот.

Се останато мора да остане во рамките на локалното. Локалните ќелии на оваа мрежа би морале да ја задржат сопствената автономија во рамки на општите заеднички принципи, и да се фокусираат на проблемите во нивниот атар. Кога таа мрежа ќе прерасне во општонародно движење, тоа би била симболична целина и ознака на колективна припадност и дух, но конкретните активности на секоја поединечна ќелија мораат да продолжат да се однесуваат исклучиво на локалното.

На овој начин би се реализирала највисоката можна цел на ваквиот принцип на делување, преку кој испраќањето на партиите во историјата би имало смисла. Тоа е намерното и методично свртување на тежиштето од националната политика како политика од втор ред и подредена на локалната. Во политичките науки ова се нарекува парадигматска промена, и од неа произлегува нов општествен договор, институционално уредување и политичка култура.

За ова идеално сценарио да се оствари, целиот овој процес мора да се одвива органски. Насилни преземања, или недоразбирања околу односите и улогите би биле контрадикторни на самиот концепт. За ова е потребно повеќе време, но алтернативата е или колапс како многуте досега, или пародија од здружување како што е новото парламентарно мнозинство.

Во контекст на ова, овој летечки циркус од коалиција меѓу ВМРО, Левица, АА и Беса наскоро ќе разбере дека за вистинско обединување не е доволно само да се биде против нешто. Мора да се биде ЗА нешто, и да постои консензус што точно претставува тоа: конкретна визија за поинакво општество. Затоа и на долг рок ќе биде збришана, заедно со другата страна на паричката, која сега ја изгуби власта. И тоа од „независните”.

Проф. Иво Босилков

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот

Слични содржини