Девојката по име Ализ (22) „влета“ во полуфиналето на Ролан Гарос, во кое играа Каспер Руд и Марин Чилиќ, и се врза за мрежата и предизвика прекин.
Се испостави дека се работи за активистка, која е дел од еколошка организација, а на маицата имаше конкретна порака.
Ализ се врза за мрежа, а носеше маица на која пишуваше „Ни остануваат уште 1028 дена“.
Она што е интересно е што нејзиниот потег со сите изјави се појави истата вечер на сајтот на организацијата „Derniere Renovation“.
„Ние сме во 2022 година и време е да се соочиме со реалноста, свет во кој политичарите ја испраќаат планетата до сценарио во кое Ролан Гарос повеќе нема да постои. Денес трчав на теренот затоа што не сакам да ризикувам да не правам ништо додека тоа на сила е климатско предупредување“, се вели на веб-страницата на организацијата.
Таа смета дека на човештвото му остануваат помалку од три години да ја промени ситуацијата на подобро.
„Остануваат уште 1028 дена да се одреди иднината на човештвото. Неполни три години. Одбројувањето започна на 28 март 2022 година, што е крај на ултиматумот што нашата организација го испрати до Владата и датумот кога граѓаните влегоа во граѓански отпор. Франција беше осудена од сопствените судови поради климатската неактивност. Иднината на оваа земја е буквално уништена. Губењето време значи пропаст“.
По нејзиниот упад на теренот, полуфиналето беше прекинато, а Чилиќ и Руд се упатија кон соблекувалните.
Во продолжението од мечот Норвежанецот славеше со 3:1 во сетови и се пласираше во првото Гренд слем финале во кариерата.
Таму ќе игра против Рафаел Надал, кој на своето место стигна благодарение на повредата и предавањето на Александар Зверев.