Светската здравствена организација ги бара најдобрите светски научни умови за да насочат истражување на нови патогени кои потенцијално би можеле да преминат од животни на луѓе и да предизвикаат нови пандемии.
СЗО, повикувајќи ги експертите да аплицираат, наведува дека Научната советодавна група за откривање на потеклото на нови патогени, исто така, ќе разгледа како напредуваат студиите за потеклото на вирусот Ковид-19, кој се појави во Кина на крајот на 2019 година, јавува Ројтерс.
„Потребни ни се најдобрите умови“, вели Марија ван Керхове, која раководи со Одделот за нови болести и зоонози при Светската здравствена организација.
Групата експерти ќе се состои од 25 члена и се очекува да одржи виртуелен состанок за прв пат на крајот на септември.
„Во последните 20 години имавме појава на многу такви патогени-САРС, МЕРС, разни птичји грип, зика вирус и, се разбира, САРС-КоВ-2“, рече Ван Керхове.
Марија ван Керхове, американски епидемиолог, кој го предводи тимот на СЗО за Ковид-19, потсетува дека беше потребно повеќе од една година за да се открие дека камилите со една копачка се посредник во пренесувањето на Блискоисточниот респираторен синдром (МЕРС) на луѓето.
„Новата група ќе создаде глобална рамка за проучување на животни, луѓе, храна, природа, биосигурност и протоколи за лаборатории во случај на нов патоген“, рече Ван Керхове, нагласувајќи дека целта е да се има соодветна техничка и научна рамка за следниот пат, кој без сомнение, ќе се појави.
Тим експерти на СЗО поминаа четири недели во Вухан и неговата околина со кинески научници, а потоа, во заедничкиот извештај објавен во март, објавија дека новиот коронавирус најверојатно се пренесувал од лилјаци на луѓе преку друго животно, но дека се потребни дополнителни истражувања.