Ники Хејли бара заштита од Тајната служба

од Stefanija Kuzmanovska
225 прегледи

Американскиот републикански претседателски кандидат Ники Хејли поднела барање за заштита до Тајната служба поради заканите со кои се соочува, потврдил за Си-Ен-Ен портпаролот на нејзината кампања.

Според нејзиниот тим, заканите биле упатени до Хејли затоа што таа е единствениот преостанат кандидат кој се натпреварува со поранешниот претседател Доналд Трамп за номинацијата на републиканците.

Специјалците на SWAT, единица во рамките на американските полициски сили обучени да се справуваат со особено опасни ситуации како што се земање заложници и немири, биле повикани во домот на Ники Хејли во Јужна Каролина двапати во последните месеци. Еден од инцидентите се случил додека нејзините родители биле таму, наведе Си-Ен-Ен.

„Дел од кандидирањето за претседател е дека ќе се соочите со закани. Тоа нема да ме одврати. Кога ќе направите нешто вакво, ќе добиете закани. Тоа е реалноста и тоа е во ред“, истакна Хејли.

Тајната служба обезбедува заштита на одредени поединци само откако ќе биде овластена од секретарот за домашна безбедност, кој се консултира со советодавниот комитет на Конгресот.

Слични содржини