Николоски: Фирмите за тендерот за пругата кон Бугарија имаат намера да го земат авансот и да ги снема

од Nikola Popovski
542 прегледи

Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николски тврди дека на тендерот за изградба на пругата кон Бугарија се пријавиле несериозни фирми. Тој е зачуден зошто не се пријавила ниедна германска француска или италијанска компанија, како три држави со добри железници.

Дел од парите се грантови – 150 милиони се од Инвестициската рамка за ЗБ од вкупно 210 милиони. Еден од аргументите е ако не се тргне во реализација по проектот и овој тендер, тие пари ќе се изгубат.

-На тендерот се имаат пријавено шест турски и една грчка фирма. Грчката фирма е 250 милиони евра поскапа од проценетата вредност што е веројатно доволно кажува колку е изводлив проектот. Останатите шест јас гарантирам дека немаат намера да градат. Имаат намера да го земат авансот и да ги снема. Така нема да пропаднат парите. Јас сум многу директен – секогаш сум таков. Тоа е неизводлив проект. Повторно прашувам зошто не се пријавија најголемите европски компании за да градат, рече синоќа Николоски во интервјуто за „360 степени“ на МРТ1.

Она што треба да се направи, според Николоски, е да се седне со Бугарија и заеднички да се направи проект.

-Треба да седнеме со Бугарија, јас би и утре ама претпоставувам ќе сакаат да завршат изборите и таму и да се формира политичка влада, заеднички да направиме проект, да видиме дали оваа линија е најдобра, да видиме дали има подобра линија. Јас мислам дека има и заеднички да направиме проект, заеднички да најдеме финансирање и заеднички да го тендерираме. Само така има логика. Ако правиме башка ние, башка Бугарија, нема да се заврши никогаш, ако настапиме заеднички како соседни држави оти границите се вештачка работа, тогаш мислам дека апсолутно ќе се реализира, истакнува министерот.

Првиот проект за нејзина можна изградба е направен уште кон крајот на 80 тите години од минатиот век. Во предизборните ветувања почна да се промовира во 1994 година, во кампањата на поранешниот претседател на СДСМ Бранко Црвенковски. Речиси во секој државен буџет беа предвидувани пари за пругата, но потоа беа пренаменувани за други потреби. Пари за неа ветуваше и министерот за финансии од Владата на Никола Груевски, Зоран Ставревски.

Речиси 90 километри пруга од Куманово до границата со Бугарија се гради скоро три децении. Нема висок функционер кој досега не се сликал со камен темелник на пругата и ветил дека само што не биднала.

Бугарската влада ја обвинува македонската дека не го почитува потпишаниот Договор во повеќе сегменти ,меѓу кои, и во делот за пробивањето на роковите за изградба на пругата. Според меморандумот потпишан на 1 август 2017 година од македонскиот тогашен министер за транспорт и врски Горан Сугаревски и неговиот бугарски колега Иваило Московски, трета фаза од Коридорот 8 според договореното од Крива Паланка до Деве Баир требаше да биде готова до 2025 година.

Слични содржини