Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски синоќа соопшти дека многу дипломати доаѓале во седиштето на неговата партија, за да, како што вели, ги убедуваат да гласаат за уставните измени.
-Доаѓаат кај нас да разговараат и да не убедуваат. Кога ќе ги прашам дали од овде продолжувате кон Софија, ме гледаат со чудење. Велат зошто – адресата на која што треба да вршите притисок е на 250 километри источно од Скопје. Вие не трева а вршите притисок во Скопје, туку во Софија. Дали сте виделе еден специјален пратеник за Западен Балкан на било која земја членка на ЕУ, како и од САД, Велика Британија кој отишол во Софија? Јас таков не сум видел, рече Николоски во емисијата „Клик плус“.
Николоски посочува дека една од препораките и забелешките на Европската комисија, покрај реформите кои што ги нема, е и борбата против високопрофилираниот криминал против кој што во изминатите пет и пол години не само што нема борба туку се стимулира.
-Борба со високопрофилираниот криминал е еден од препораките на Европската Комисија, и не да нема борба со високопрофилираниот криминал туку се стимулира во овие пет и пол години, затоа Македонија не започнува преговори, кажа пратеникот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на изборите, Николоски оценува дека не е добро да има консензуален кандидат за претседател на државата.
-Ако под консензуален се подразбира кандидат на ДУИ, тоа не е консензуален, и ако е тоа, тогаш е контра на демократијата. Едно не оди со другото, а Македонија е демократска држава. Не мислам дека е добро да има консензуални кандидати кои ќе бидат презентирани на граѓаните, вели Николоски.