Проблемот што Македонија не ги започнува преговорите е што стратешката одлука на големите земји-членки на ЕУ повеќе од десет години е да нема проширување, смета вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
Според него, „користа од чекањето“ за Македонија е „зачувување на националната гордост“.
„Никој не е наивен да влезе во бугарската игра на бескрајни услови и бескрајни вета. Ако е ова последно да разговараме, а ако не е последно не сме наивни уште еднаш да страдаме и да имаме проблеми. И мислам дека јас многу често сум зборувал за ова во јавност и стојам позади тоа дека проблемот е малце поголем од тоа што се претставува во јавност, а проблемот е стратешката одлука на големите земји-членки која што, за жал, е таква повеќе од десет години да нема проширување. Последниот политичар кој беше искрен за процесот (проширувањето) е Жан-Клод Јункер (екс-претседател на ЕК), кој беше доволно искрен да ни каже на сите дека нема да има проширување“, рече Николоски во емисијата „Само интервју“.
Николоски се сомнева во тврдењата на новата еврокомесарка Марта Кос дека ЕУ има амбиции една или повеќе земји да ги завршат преговорите и да станат членки на ЕУ до крајот на мандатот на актуелната ЕК.
„Не го гледам тоа. Не гледам затоа што нема такви чекори. Нашата надеж се чесните односи, а ако навистина ова (условот за вклучување на Бугарите во Уставот) е последен (од страна на Бугарија), како што ни велат, да го направиме последен. Дадовме предлог кога ќе завршат преговорите. Ако ЕУ навистина мисли дека ќе бидат потребни три и пол години за да се завршат преговорите, што ја спречува Бугарија дали Бугарите ќе станат дел од Уставот во 2024 или во 2027 година, откако веќе изгубија две и пол години? Предлогот е усвоен во летото 2022 година, веќе е крајот на 2024 година, ние не го прифаќаме овој предлог, нема промени во уставот. А што добива Бугарија од ова во однос на Бугарите во Македонија, колку и да ги има? Губиме затоа што е добро да се биде членка на ЕУ, но да го гледаме тоа од бугарска страна. Да не викаат дека многу се грижат за Бугарите во Македонија и сакаат да бидат во Уставот? Па, тие не се. Две и пол години – не се. Значи Бугарија победува или губи? Ова го извлекува на површина вистинскиот проблем, дека Бугарија сака деблокирање само за зборови. Но, има уште еден проблем што никој не врши притисок врз Бугарија“, рече Николоски.
Според него, изјавите на специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и регионалните прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, дека Македонија треба да го искористи отворениот прозорец за проширување на ЕУ, бидејќи во спротивно ризикува да биде заборавен, се само потврда на неговата изјава дека ЕУ не сака проширување, „особено во однос на Западен Балкан“. На одговорот дека нема знаци дека ќе биде прифатен предлогот на Владата, измените на Уставот да стапат на сила откако земјата ќе стане членка на ЕУ, тој одговори: „Во тој случај ќе ја развиваме нашата земја онака како што ја развиваме“. На прашањето дали тоа значи крај на преговорите, Николоски рече: „Кога ЕУ ќе биде подготвена – ние сме тука“.