Николоски обвинува за масовен грабеж во ЕЛЕМ и РЕК Битола

од Nikola Popovski
372 прегледи

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски утрово обвини дека досегашното владеачко мнозинство на заминување прави „масовен грабеж на ЕЛЕМ И РЕК Битола“. Тој објави на социјалните мрежи дека „целта е да се искраде што сѐ може на заминување“.

-Тендери се штанцаат на дневна основа, нормално за омилената фирма на Белорускиот конзул. Исто така дневно десетици камиони носат увозен јаглен! Тие камиони транзитираат низ Новаци кон РЕК Битола, истакнува Николоски, додавајќи дека во сообраќајна несреќа при судир на еден од тие камиони со трактор, еден човек го загубил животот.

По тој повод, жителите на Новаци организираат протести за, како што објаснува вториот човек во ВМРО-ДПМНЕ, крај на криминалот во ЕЛЕМ и РЕК Битола.

-Утре – Понеделник 27ми Мај од 10 часот се случува уште еден таков протест! Жителите на Новаци ја имаат мојата поддршка! А, за криминалот во ЕЛЕМ и РЕК Битола веднаш по формирањето на Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ ќе започнат соодветни постапки за расчистување, најавува Николоски кој се очекува да предводи едно од министерствата во новата влада.

Несреќата се случила на 17-ти мај во претпладневните часови, кога според кажувањата на жителите на Новаци, камион што носел јаглен за РЕК „Битола“ го зафатил трактористот со приклучната механизација и го фрлил од коловозот, по што земјоделската машина се превртувала неколку пати.

Слични содржини