Николоски од Советот на Европа обвини дека Владата го прислушува него и Мицкоски

од Nikola Popovski
239 прегледи

Би сакал да го поддржам овој многу важен извештај. Со право се вели дека – Собранието треба да ја осуди употребата на шпионски софтвер од страна на државните органи за политички цели, што е прекршување на правото на почитување на приватниот живот и другите права гарантирани со Европската конвенција за човекови права, изјавил потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски кој го поддржал извештајот на СЕ за злоупотреба на прислушкувањето и следењето во својот говор во Советот на Европа.

Порачал дека употребата на шпионски софтвер од типот Пегазус треба да се ограничи на исклучителни ситуации како последна мерка, за вистински и сериозни закани за националната безбедност или специфични и дефинирани тешки кривични дела.

-Во мојата земја Македонија постои голема загриженост дека Владата незаконски користи злонамерен софтвер за пресретнување на комуникацијата на опозицијата, вклучително и мене, како и на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски и други политичари од високо ниво. Побаравме собраниски надзор, но не добивме кредибилен демант дека во Македонија нема надзор на граѓаните со таканаречен злонамерен софтвер или напреден софтвер, кој буквално влегува во домот на граѓаните.

Она што исто така можам да го кажам е дека ние како најголема политичка партија во Македонија имаме сериозен сомнеж дека сме под континуиран физички надзор како опозициски политичари, што најверојатно незаконски го прават одредени структури кои се во безбедносниот сектор во државата, рекол Николоски пред присутните.

Додал дека од 2021 година, различни истражни извештаи открија дека владите на неколку земји-членки на Советот на Европа набавиле и користеле шпионски софтвер наречен Пегазус. Николоски притоа спомнал дека актуелната влада во земјава е една од нив.

-Големо прашање е, како се користи и за што? Постои големо сомневање дека се користи за политички цели при што се кршат човековите права, за ова мора да се спроведе соодветна истрага, а одговорните мора да се изведат пред лицето на правдата за криминалот што го направија со незаконско користење на ваков софтвер за незаконско следење и прислушување на опозицијата, рекол Николоски во своето обраќање.

Македонската компанија Сајтрокс АД (Cytrox AD) на 18 јули беше ставена на црната листа на Бирото за индустрија и безбедност на Министерството за трговија на САД, заедно со уште три фирми – од Грција, Унгарија и Ирска. Сите четири биле санкционирани поради обиди да добијат пристап до информациски системи, со цел да ја загрозат приватноста и безбедноста на поединци и на организации низ светот. „Сајтрокс“ АД, Сајтрокс Холдинг од Унгарија и двете фирми „Интелекса“, од кои едната регистрирана во Грција, а другата во Ирска, во изминатиот период беа посочувани како дел од иста групација кои го развивале и продавале малициозниот софтвер „Предатор“, со кој се инфицираат и следат телефонски уреди низ светот.

Слични содржини