Николоски од Стразбур: Ќе побарам Македонија да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ

од Nikola Popovski
256 прегледи

Оваа недела во Стразбур се одржува редовна сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа. Ќе се разговара на многу важни теми, вклучувајќи ја и агресијата која што во моментов се случува во Украина и потребата на обезбедување на мир во Европа. Исто така ќе се разговара и на теми кои се важни за Македонија и за нашето соседство. Во бројните средби коишто ќе ги имам во овие три дена, ќе побарам Македонија конечно да добие датум за почеток на преговори со ЕУ и да ги почне преговорите со ЕУ, затоа што тоа го заслужуваат граѓаните на Македонија, изјави во видео-обраќање потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Тој информира дека во рамки на своите средби и обраќања ќе ја повика Бугарија да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права.

-Бројни пресуди кои се во корист на Македонците од Бугарија не се спроведуваат од страна на Бугарија. Едни од најзначајните кои што судот ги донесе во 2020 година е пресудата за формирање на клуб за етничка толеранција, како и пресудата за формирање на клуб за жртвите кои беа тероризирани од комунистичкиот режим. Тоа се две значајни пресуди кои зборуваат за етничката толеранција во Бугарија, но исто така и за потребата од рехабилитација на жртвите на комунистичкиот терор во Бугарија. Нешто што Бугарија не сака да го спроведе, затоа што  политиката која што ја води е слична на онаа политика која што ја води изминативе 20 години, а тоа е политика на негирање и политика која што значи непочитување на одлуките на Советот на Европа, истакна Николоски.