„Стево Пендаровски докажа дека не е претседател на сите граѓани на Република Македонија, туку извршител на една политичка структура и извршител на Зоран Заев. Со тоа Стево Пендаровски сврте грб на македонските граѓани и затоа денес пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата му свртеа грб нему и ја напуштија салата во која што беше обраќањето“, вели денеска Александар Николоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.
„Второ, Стево Пендаровски е прв што кажа дека нашиот национален херој Гоце Делчев е бугарин и со тоа ги сруши македонските национални позиции, ја отвори пандорината кутија, ги оневозможи историчарите на научна основа да разговараат за историјата, во преговорите за историјата внесе политика и драматично ги поткопа темелите на македонската самобитност, македонски национален идентитет, самобитноста на македонскиот јазик и посебноста на македонската историја.
Стево Пендаровски е претседател на државата кој не кажа ниту збор за изјавите на Заев дека бугарската држава во втората светска војна била ослободител, дека тука имало администрација, дека бугарскиот и македонскиот јазик се едно исто. Збор не кажа за да се спротивстави на овие работи“, вели меѓу другото Николоски.