Ситуацијата во судството и обвинителството во државата е драматична и потребно е реформа, распуштање, како и тоа да се ревидира системот на избор на членови на судски и обвинителски совет, и да се изврши проверка на имотот на судиите и обвинителите, истакна вечерва во „360 степени“ на МРТ потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
„Мислам дека ситуацијата веќе оди кон драматична во судството и обвинителството и тука дури и јавноста има малку погрешен фокус. Мислам дека најмногу под фокус е кривичниот суд, основниот суд Скопје 1 за мој вкус мислам дека релативно коректно работат а другите судови мислам дека ги нема во фокусот на јавноста а тие се извор на проблемите во Македонија кога зборуваме за судство. Не дај боже човек да има проблем во Струмица на пример или во Прилеп или во Охрид или во Кавадарци а да не го знае вистинскиот адвокат или да нема доволно пари за тој адвокат. Ама парите за адвокатот се многу повеќе од тоа што е адвокатска тарифа. Отидете во било кое место во Македонија најубавите куќи се или на судија или на обвинител и ли на цареник. Не е природно, не може така да остане“, посочи Николоски.
Николоски додаде дека треба да се ревидира системот на избор на членови на судски и обвинителски совет, распуштање и проверка на имотот на судиите и обвинителите.
„Овој систем на избор на членови на судски и обвинителски совет, 2005 година е спроведен, ние тогаш бевме опозиција, имаа добра намера но за некои други општества со друга култура и друг ментален склоп. Ние велиме, три работи се, распуштање, проверка на имот на судиите и обвинителите, да видиме овие најубавите куќи од каде доаѓаат и трета работа промена на начин на избор. Еден модел не велам дека е совршен, може да е моделот на избор на членови на државната комисија за спречување корупција. Тој начин на избор на ДКСК се покажа за добар можеби треба да размислиме и за судскиот и обвинителскиот совет или сме отворени за подобар предлог кој што би го разгледале“, кажа Николоски.
Николоски посочи дека и во препораките на ЕУ стои дека треба да се ревидира судскиот и обвинителскиот совет и доекипирање во делот на избор на судии и обвинители.
„Тие велат дека треба да се ревидира на судскиот и обвинителскиот совет, дека начинот на кој што работи практично создава, народски се изразувам, олигархија во судството и обвинителството и дека мора да се заврши со доекипирање во делот на судскиот и обвинителскиот совет изборот на судии и изборот обвинители. Тоа е дел и од онаа реформска агенда која што Македонија мора да ја спроведе доколку сака да ги добие средствата од фондот за поддршка кој што во период од 4 години треба да бидат околу 1 милијарда евра кои што сериозно ќе и помогнат на Македонија да се крене буџетски и тие не се врзани со условувањата на Бугарија туку исклучиво со реформи. Ако ние испорачаме реформи добиваме директна финансиска поддршка во буџет“, кажа Николоски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на четвртата изборна единица, Александар Николоски вечерва гостува во најновото издание на емисијата „360 степени“ која се емитува на МРТ1 каде што за својот противкандидат од редовите на Социјалдемократскиот сојуз, Венко Филипче истакна дека за избора кампања злоупотребува човечки судбини и здравјето на граѓаните кои некогаш му биле пациенти, со тоа што им оди во посета на нивните домови и потоа слики постира на социјалната мрежа Фејсбук.
Николоски истакна дека лекарите не им вршат услуга на граѓаните кога ги лекуваат, тие пред се лекуваат со Хипократова заклетва и заради тоа лекувањето не треба да се пренесе на во политиката злоупотребувајќи ги за изборна кампања.
„Нечесно е да се злоупотребуваат човечки судбини и пациенти. Гледам оди по семејства кои што имаат болни или имале болни, се слика со нив и го објавува тоа на Фејсбук. Извинете, ама тоа е дно. Нема друг израз, затоа што докторите лечат со Хипократова заклетва да ги лекуваат оние на кои што им е најпотребно, не им вршат услуга. Затоа што во Македонија се создава впечаток дека кога доктор лекува некого, му прави услуга и сега тоа треба да се пренесе во политиката. Не треба да се злоупотребуваат човечки судбини за политичка кампања“, рече Николоски.
Николоски посочи дека неговиот против кандидат во четвртата изборна единица, посуштинско е да одговори на прашањата кои што тој континуирано му ги поставува во овие две недели кои тој ги избегнува, а поврзани со неколку скандали за периодот на неговото министерување со здравството.
„Имајќи предвид дека решил да се врати во политиката, граѓаните очекуваат одговори, зошто Македонија имаше највисока смртност во корона кризата од сите земји во регионот, што се случи со стерилизацијата која што отиде како јавно приватно партнерство на една албанска фирма, каква е неговата улога во обидот за препродажба на една приватна болница, тука во Скопје, на еден албански бизнисмен? Или, на пример, каква е неговата улога во набавката на вакцини од компанијата Страбри која што е регистрирана за трговија со јужно овошје во Хонконг или, на пример, каква е неговата улога во модуларната болница Тетово во која 14 луѓе го изгубија животот“, прашува Николоски.
Тој додава дека ова се легитимни прашања на кои што очекува одговор, како што е и добро да одговори која е неговата поврзаност со семејството Пановски, кое што е главен актер во случајот „Онкологија“, кој што ја тресе македонската јавност?
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ