Во услови на огромен пораст на подршката за иницијативата „Отворен Балкан“, се наметнува потребата од што поскоро надминување на проблемот со многу долгиот период на ратификација на договорите на ИОБ.
Во оваа насока, претседателот на ЦЕА, Марјан Николов укажува дека повеќето политички ветувања кои се повторуваат на самитите на ИОБ допрва треба да се операционализираат.
„Процесот на ратификација на сите договори на ИОБ трае многу долго, особено за Северна Македонија. Само договорите за заемно признавање на овластените економски оператори беа ратификувани навремено“, вели во интервју за „Локално“, Николов.
Оттука според него, до денес договорот за пазарот на труд и договорот за поврзаност на шемите за електронска идентификација се единствените трилатерални договори што се ратификувани од страна на сите три земји што учествуваат во ИОБ. Истиот редослед на работите покажува дека со оглед на тоа што договорот за безбедност на храната не е ратификуван од страна на Северна Македонија, тој правно сè уште не е во сила.
Коментирајќи ги охрабрувачките сигнали на ЕУ, Николов забележува дека она што недостасува во овие пораки е јасната, недвосмислена детерминираност за ЕУ членство на земјите од Западен Балкан.
„Под знак на прашање е доведен кредибилитетот на ЕУ изјавите за економска поdршка без да се знае која е нејзината цел, кој е планот и временската рамка до целосно членство во ЕУ. Без ваква јасна недвосмислена порака од ЕУ за членството на Западен Балкан, не е јасно која е целта на пораки со економски призвук кои економски и финансиски подршки лесно може да се добијат од било која меѓународна финансиска институција“, дециден е Николов.
Скринингот што на иницијативата Отворен Балкан-ИОБ го спроведе тим на ЦЕА покажа многу позитивни ефекти од проектот за земјите вклучени во него и воопшто за целиот регион. Колку вака втемелената иницијатива ќе го забрза патот до ЕУ на трите земји?
-Земјите што учествуваат во иницијативата „Отворен Балкан“ ја сметаат за стимулатор за пристапување во ЕУ, за креатор на нова динамика. Земјите учеснички ја сметаат за инкубатор што ќе ги донесе земјите на ниво кое ги пресликува четирите слободи на ЕУ. Не се смета дека ИОБ е обврзувачка за земјите и не е конкурентна на други иницијативи туку напротив. таа го поттикнува патот за постигнување на стратешките интереси на земјите кон целосно развиено членство во ЕУ и служи како порака од регионите дека овие земји сакаат целосно членство во ЕУ.
Висок процент од населението позитивно гледаат на ИОБ а најпозитивни се луѓето под 30 години. Во колкава мера политичките односи меѓу земјите ја креираат, влијаат , на перцепцијата на граѓаните ?
-Министерствата за надворешни работи на Босна и Херцеговина и Црна Гора изработија анализа за ИОБ, но ниту една не беше толку наклонета кон ИОБ. Сепак, треба да се забележи дека има политичка волја меѓу земјите што не се учеснички на ИОБ, особено Босна и Херцеговина и Црна Гора, чиешто политичко водство ја поддржува ИОБ и покажува подготвеност да дискутира за нивно можно учество во ИОБ. Земајќи го предвид националниот контекст и прашања на страната и на Босна и Херцеговина и на Косово, политичкиот капитал што го генерира ИОБ за политичките лидери засега може да биде привлечен за Црна Гора. Транспарентност во однос на напредокот во имплементацијата како и јасноста во владеењето и процесите на следење би помогнале да се изгради доверба дека иницијативата е вистински отворена за сите земји на Западен Балкан.
Кои се суштинските слаби точки на кои треба забрзано да се работи во политичка и во економска смисла на зборот?
-Политичките заложби на земјите што учествуваат во ИОБ се вертикално насочени и бавно се имплементираат. Повеќето политички ветувања кои се повторуваат на самитите на ИОБ и на јавните настапи на лидерите на ИОБ допрва треба да се операционализираат. Процесот на ратификација на сите договори на ИОБ трае многу долго, особено за Северна Македонија. Само договорите за заемно признавање на овластените економски оператори беа ратификувани навремено. До денес, договорот за пазарот на труд и договорот за поврзаност на шемите за електронска идентификација се единствените трилатерални договори што се ратификувани од страна на сите три земји што учествуваат во ИОБ. Со оглед на тоа што договорот за безбедност на храната не е ратификуван од Северна Македонија, тој правно сè уште не е во сила.
ЕУ испрати охрабрувачка порака и најави нов план за доближување на земјите од Западен Балкан до ЕУ што меѓу другото подразбира и подготвеност на ЕУ да направи голем исчекор кон партнерите за да се забрза процесот. Како може и треба Македонија да го искористи ваквиот моментум дури и пред да стане членка на Унијата? Колку во ваквиот план на ЕУ ќе помогне ИОБ?
-Она што недостасува во ЕУ пораките е јасна, недвосмислена детерминираност за ЕУ ченство на земјите од Западен Балкан. Под знак на прашање е доведен кредибилитетот на ЕУ изјавите за економска подршка без да се знае која е нејзината цел, кој е планот и временската рамка до целосно членство во ЕУ. Без ваква јасна недвосмислена порака од ЕУ за членството на Западен Балкан во ЕУ, не е јасно која е целта на пораки со економски призвук кои економски и финансиски подршки лесно може да се добијат од било која меѓународна финансиска институција.
Синдикатите излегоа со отворен страв дека ако не се почитуваат работничките права во државата, од 1 јули кога стартува либерализацијата на пазарот на труд ќе се испразнат работните места во земјата. Како поволностите што ги нуди Иницијативата да се искористат за подобрување на работничките услови дома? Што ќе значи овој процес за самите компании кои ќе останат без македонските работници а ќе вработуваат работници од Србија или Албанија?
-Се чини дека либерализацијата на пазарите на труд е главната новина за која придонесе ИОБ. Додека ЦЕФТА изречно се повлекува од регулирањето на оваа област, ИОБ воспоставува правна основа и политички алатки за олеснување на пристапот до пазарите на трудот. Бидејќи механизмите и инструментите кои се предвидени со договорот, вклучително протоколот за имплементација, сè уште не се официјализирани и имплементирани, нема доказ дали двата договора ќе направат некаква значајна промена во одредбите и процедурите и дали тие треба вистински да понудат слободен пристап до пазарите на труд. Индикативно е дека скоор 1/3 од македонските компании очекуваат дека ИОБ Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан ќе има најголемо влијание на нивното работење во наредните 3 години доколку тој се имплементира. Истиот процент на македонски компании очекуваат дека јавната администрација ќе има потреба од поголеми ресурси за да го надмине јазот за давање на соодветна услуга кон бизнис заедницата во делот на слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан.
Важно е да се има во предвид дека Србија (и Босна и Херцеговина) во Западен Балкан земјите има најнизок процент на млади луѓе кои не се вработени, не учествуваат во процес на образование и/или не учествуаат во обуки. Србија има и најниска стапја на неработеност и најниска стапка на дологрочна невработеност.
До каде е процесот кој на транспортерите треба да им обезбеди зелени патеки како решение за повеќе часовното чекање, но и усогласување и целосно хармонизирање на процедурите? Дали можеби се планира и предност за граѓаните од земјите членки на Отворен Балкана на граничните премини?
-Овде би сакале да укажеме дека со оглед на тоа што програмите за овластените економски оператори за Албанија, Србија и Северна Македонија ги минаа (позитивно) процедурите за валидација, ИОБ би можела да понуди ефективни средства за соработка за унапредување и обезбедување решенија за да се постигне напредок во оваа област. Договорот за ветеринарните сертификати, сертификатите за храна и за добиточна храна и фитосанитарните сертификати, од друга страна, ја поставува новата рамка којашто дозволува земјите да се договорат за списоците на производи кои ќе бидат регулирани надвор од ЦЕФТА. Со оглед на тоа што извозните забрани се опфатени со ЦЕФТА, договорот за безбедност на храна ветува нова соработка за укажување на недостатоците од храна и искористување на капацитетите за чување.
К.В.С.