Николов: Со зголемување на референтната каматна стапка, компаниите ќе се воздржат од планираните инвестиции

од Vladimir Zorba
484 прегледи

Зголемувањето на дефицитот и државниот долг преку нови задолжувања, според поранешниот претседател на комисијата за финансирање и буџет, Марјанчо Николов, ќе ја натера Народната банка да одговори со дополнително зголемување на основната каматна стапка.Во интервју за локално, Николов потенцира дека таквиот потег ќе ги натера компаниите да ги одложат плановите за инвестирање.

„Во ризик ќе бидат оние компании и граѓани кои имаат кредити со променливи каматни стапки. Сигурно дека и компаниите ќе се воздржат најпрво од земање кредити за инвестиции кои биле планирани, но сега поради растот на каматите компаниите, истите ќе ги одложат“, дециден е тој.

Во однос на ребалансот на буџетот за кој започна амандманската расправа во собранието и  продолжувањето на мерките за помош на населението и стопанството, Николов смета дека со новото прекројување на државната каса мерките треба да бидат добро таргетирани а помошта како што вели тој  да биде достапна до оние граѓани и компании на кои средствата им се најпотребни.

„Со дополнителните субвенции владата ќе се обиде да го зголеми земјоделското производство со цел да ја намали увозната зависност и со тоа притисокот врз порастот на цените на земјоделските производи како и да ги намали загубите кај дел од земјоделците предизвикани од  губењето на пазарите за пласман“, објаснува тој.

Николов ја поздравува намерата на владата со закон да се дисциплинираат трговците кои нема да се придржуваат на ограничените цени и маржи.

„Се надевам дека ќе биде спроведена со цел да се дознае кои се овие компании и по нивното објавување очекувам сериозна реакција од самите граѓани како потрошувачи кон овие компании покрај санкциите од државните органи“, заклучува Николов.

Во тек е амандманската расправа за новиот ребаланс на буџетот. Што мислите, што ќе постигне Владата со ваков распоред на парите во државната каса? Дали навистина со ваков ребаланс парите ќе дојдат до оние на кои им се најпотребни?

-Ребалансот на буџетот за 2022 година во најголема мера е предизвикан од почетокот на војната во Украина која дополнително доведе до пораст на неизвесност во светот како и  на цените на енергенсите (пред се нафтата и гасот) и цените на основнте суровини и средства  за производство на храна(пченица,сончогледово масло,вештачки ѓубрива и др.) а со тоа и на инфлацијата.Од почетокот на војната во месец февруари до месец мај, инфлацијата порасна за околу 3 – 4% поени во нашата земја и со ваквите случувања се продолжи неизвесноста околу стабилизирање на економијата на ниво од пред пандемијата и решавање на проблемите со зголемената побарувачка на суровини и производи и нарушените синџири на снабдување за што свој придонес имаше и релаксираната монетарна и фискална политика.

Владата превзема неколку пакети на мерки преку замрзнувањето на цените, ограничување на маржите и намалување на ДДВ за храната и енергенсите со цел да ги намали или ублажи негативните ефекти на порастот на цените и инфлацијата пред се. Поради овие причини се доведе во прашање исполнувањето на основите макроекономски претпоставки за 2022 година дадени со буџетот кој се однесуваа за раст на БДП, инфлацијата, дефицитот и очекуваните приходи и расходи во буџетот.Затоа владата со ребалансот го ревидира растот на БДП од 4.6% на 3.2%, инфлацијата од 2.4% на 7.2% и дефицитот за 5.3%.

Со предвидувањето на дополнителни средства за подршка на населението и стопанството во износ од 76 милиони евра и 52 милиони евра субвенции за земјоделците со ребалансот владата највува продолжување на мерките за помош на населението и стопанството но сега оваа помош би се однесувала на таргетирани (ограничени) групи за кои се уште не се дадени критериумите. Се надевам ќе бидат добро таргетирани и помошта ќе биде достапна до оние граѓани и компании на кој им се најпотребни средствата. Со дополнителните субвенции владата ќе се обиде да го зголеми земјоделското производство со цел да ја намали увозната зависност и со тоа притисокот врз порастот на цените на земјоделските производи како и да ги намали загубите кај дел од земјоделците предизвикани од  губењето на пазарите за пласман.

Помошта кон економијата во голема мера ќе зависи и од реализацијата на капиталните расходи кои со ребалансот се намалуваат за 100 милиони евра, но повеќе загрижува нивната слаба реализација. Се надевам во наредниот период оваа слабост ќе биде надмината. Загрижува најавата за зголемување на дефицитот и зголемувањето на државниот долг  преку нови  задолжувања, преку издавање на еврообврзница, позајмување од ММФ и задолжување на домашниот пазар за сума околу 1 милијарда евра  што најверојатно ќе ја натера Народната банка да одговори со дополнително зголемување на референтната каматна стапка.

Владата најави битка со трговците кои печалат на грбот на потрошувачите. Се подготвува нов закон за потрошувачи кој освен парични казни, предвидува јавно објавување на нечесните трговци, забрана за вршење дејност па дури и затворање. Како го коментирате ваквиот потег? Дали на ваков начин може да се влијае на трговците и на растот на цените?

-Ова прашање подолго време се зборува и имаше укажувања од дел од министрите од економските ресори дека имаат сознанија дека некои трговци неоправдано ги зголемувале цените на производите со цел да остваруваат екстра профит и дополнително да влијаат на намалувањето на куповната моќ и животниот стандард на граѓаните. Јас ја подржувам оваа најава и се надевам дека ќе биде спроведена со цел да се дознае кои се овие компании и по нивното објавување очекувам сериозна реакција од самите граѓани како потрошувачи кон овие компании покрај санкциите од државните органи.

Сигналот што го испрати НБРМ со зголемување на основната каматна стапка се чини дека стави крај на евтините кредити. Што мислите, за колку ќе поскапат кредитите на граѓаните односно кои кредити ќе бидат први на удар и дали ова ќе ги одврати граѓаните и стопанствениците од задолжување во банките?

-Народната банка има примарна цел да ја одржува ценовната стабилност и во услови на вака висока инфлација ваквата мерка беше очекувана. Растот на референтната каматна стапка ќе придонесе и до пораст на каматите на кредитите и депозитите односно парите ќе станат поскапи. Во ризик ќе бидат оние компании и граѓани кои имаат кредити со променливи каматни стапки. Сигурно дека и компаниите ќе се воздржат најпрво од земање кредити за инвестиции кои биле планирани, но сега поради растот на каматите компаниите, истите ќе ги одложат. Граѓаните ќе се воздржат од земање кредити за домување и други реновирања на домот и дел од нив и од потрошувачки кредити.

Потребна е сериозна координација на монетарната и фискалната политика за да негативните ефекти од зголемувањето на каматите на кредитите не влијае премногу негативно на компаниите и населението но и за да имаме постепено намалување на инфлацијата.

Со ребалансот на буџетот предвидена е годишна инфлација од 7 % а таа веќе сега достига 12 %. Ве загрижуваат ли ваквите состојби? Има ли начин да се забави ова галопирачко темпо?

-Владата мора да ја зголеми реализацијата на капиталните расходи, да ги намали непродуктивните трошоци, да влијае преку стимулативни мерки на зголемување на производството и понудата на производи од домашно потекло  и да презема мерки за подобрување на куповната моќ на граѓаните. За дел од нив веќе има планирано средства во ребалансот ( образование, пензионери, здравствени работници  и други категории)

Неколкугодишното функционирање во услови на кризи од секаков тип, и очкувањата за појава на нови и посилни кризи од есен, предизвика воздржаност во проценките на економистите во однос на тоа дали воопшто може да се одржи економскиот раст.Како во пандемија, недостиг на енергенси и инфлација, да продожат структурните реформи, како да се зголеми конкурентноста, продуктивноста на македонското стопанство? 

-Преку инвестиции кои значат намалување од увозните компоненти во производството секаде каде тоа е можно, зелена транзиција, дигитализација, системски реформи за владеење на правото,борбата против корупцијата, брза и ефикасна администрација, унапредување на менаџирањето на компаниите, полесниот пристап до капитал за инвестиции. Оваа година би требало да има раст иако мислам помал од проектираниот.

К.В.С.

Слични содржини