Европската Унија значи нова можност за секој земјоделец, носи можност нашите производи да се пласираат на европските пазари, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, пред панел-дискусијата „Како интеграцијата во ЕУ ги зајакнува македонските земјоделци“.
Во вечерашното излагање на настанот што се одржува во хотелот „Александар Палас“, министерот направи пресек на сите чекори што се прават кон Европската Унија во делот на земјоделството.
Тој информираше дека Република Северна Македонија има 100 проценти искористеност на ИПАРД 2 програмата, додека, во новата, ИПАРД 3 програма, рече дека има 97 милиони неповратни европски средства за модернизација и развој на македонското земјоделството.
– Со конкретни чекори, дела и одлуки да направиме нашата стратешка цел да биде остварлива и реална и да станеме членка на ЕУ, а со тоа младите не да заминуваат во европските земји, туку да останат дома, каде што ќе ги уживаат европските можности, рече министерот.
Николовски информираше и за новите закони поврзани со земјоделството од кои најголем дел произлегуваат од проектите од Европската Унија и кажа дека како земја имаме привилегии што ги имаат и останатите членки во делот на земјоделството, иако не сме членка.
На панел дискусијата, на која ќе бидат презентирани резултатите постигнати во земјоделството, руралниот развој, производството и пласманот на македонските земјоделски производи на европскиот пазар преку искористувањето на средствата од ИПАРД програмата учествуваат и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, Кирил Ристовски од Секторот за управување со претпристапни фондови на ЕУ за рурален развој (ИПАРД) при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Ненад Стојанов, управител на УНИ АГРО ДОО Велес.
Покрај тоа, присутните ќе имаат можност да добијат и насоки за поефективно реализирање на финансиите што се на располагање преку фондовите на Европската Унија.