„Лидери сме во регионот по искористеноста на ИПАРД 2 програмата. Кога го објавивме првиот повик во 2017 година, довербата на земјоделците беше срушена, слушавме за одбиени проекти. Тоа е така бидејќи ИПАРД 1 беше спроведен со 20 отсто реализација, додека ИПАРД 2 програмата ја завршуваме со 97 отсто склучени договори“ рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на годишната конференција „Година на нови можности“.
Тој додаде дека поради успешната реализација на претходната програма, Европската комисија за ИПАРД 3 доделува 62 отсто повеќе средства, односно 97 милиони евра.
„97 милиони евра ќе биде износот на ИПАРД 3. Ако на тоа го додадеме и националното кофинансирање и сите инвестиции, тогаш за следните седум години има 210 милиони евра достапни за модернизација на македонското земјоделство“ рече Николовски.