Во своето интервју дадено за МИА, првиот вицепремиер во Владата задолжен за борба против криминалот и корупцијата, Љупчо Николовски, прокоментира каков е неговиот став во однос на последниот извештај од Стејт депратмнентот во кој е оценето високо ниво на корупција во С.Македонија.
„Не сме рамнодушни кон извештаите кои ги констатираат слабостите на општеството. Но тоа не само што не не’ демотивира, туку не прави поодлучни во битката. Ние како Влада ги засилуваме сите механизми за борба против корупцијата кои ни стојат на располагање, а градиме и воведуваме и нови механизми за справување, искоренување и имплементација на конретни мерки за превенција и сузбивање на високата корупција. Граѓаните треба да критикуваат постојано, но и самите да се вклучат во борбата против кариесот во општеството, појава која ја нагризува и иднината на нашите деца, појава која спречува развој и подобри и посигурни услови за живеење и работење. Ова е Влада која коренито се зафаќа со решавање на проблемите и веруваме дека и во оваа област граѓаните набрзо ќе воочат разлика и поместување кон подобро. Оваа борба е во врвот на нашите заложби. Иако воведовме досега невидена транспарентност во начинот на кој се трошат јавните пари, свесни сме дека има уште многу работа до промена на менталитетот во кој функцијата се поврзува со привилегија, а не со одговорност. Денеска и бизнисмените, но и сите граѓани, многу послободно зборуваат за корупцијата, а отвореноста на институциите е неспоредливо поголема. Сите извештаи за нас се дополнителен поттик за поцврсти и поодлучни чекори во борбата. Како и во секоја друга тешка и долга борба, нема отстапување“, посочува Николовски во своето интервју.