Преземени се сите неопходни мерки, има залихи на жито, а стоковите резерви се на законски пропишаното ниво, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водсотопанство Љупчо Николовски.
– Имаме големи залихи кај млиновите – 50 илјади тони пченица, 10.000 тони пченка, јачмен за кој што постигнавме во овие три години целосно задоволување на домашното производство. Тоа се залихите коишто ги имаат и млинарите, стопанствениците. И тоа потврдува дека имаме доволно количини, рече Николовски, одговорајќи на новинарско прашање по денешната посета на фабриката „Бако“ во Визбегово.
Министерот нагласи дека е воведена е забрана за извоз заради заштита на домашното производство, да не настанат некои турбуленции и пореметувања на пазарот.
– Воопшто нема простор за никаква паника и никакви лажни информаци и фабрикување на лажни вести. Владата секој ден повторува дека стоковите резерви се на нивоата коишто се пропишани со законот, така што сметам дека сите ние имаме обврска да ја смируваме состојбата и да ги пренесуваме точните, вистински, реални аргументи, истакна Николовски.