Николовски од Луксембург: Сам дојдов да лобирам за датум за преговори

од Nikola Popovski
291 прегледи

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, денеска во Луксембург каде што се одржа Советот за општи работи на ЕУ, оствари средби со министерот за надворешни работи и трговија на Република Унгарија, Петер Сијарто, министерот за надворешни и европски прашања на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман и претставници од Европската комисија каде што се разговараше за стратешките определби на Република Македонија.

„Денеска сум во Луксембург каде што се одлучува за тоа дали Македонија ќе почне преговори за членство со Европската унија, а власта никаде ја нема, критикуваше во изјава за медиумите потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

„Јас денес тука имам средби со министри за надворешни работи на земји членки на Европската унија, како и со други официјални лица од Европската унија. Решив самоиницијативно да дојдам за да дадам поддршка, но во исто време да кажам на сите тука дека ние зборуваме македонски јазик, ние сме Македонци, ние сме горди на нашата култура, традиција и историја, и така и ќе остане и тоа го знае цела Европа“, посочи потпретседателот на опозициската партија.

Според него, власта во Македонија повеќе ја интересираат личните интереси, отколку битката за државата.

Утрово во Луксембург се собраа министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, првпат со физичко присуство по олеснувањето на анти-ковид мерките, но сепак Бугарија не попушта за Северна Македонија во однос на стартот на пристапните преговори.

Слични содржини